Балкан

Османи - Руге: Важни консултации и координација со НАТО во врска со планот за отворање на мостот во Митровица

- На средбата со помошникот генерален секретар на НАТО за надворешни работи и безбедност, Борис Руге, претседателката на Косово Османи повтори дека отворањето на мостот е во интерес на сите, без разлика на етничката припадност.

Zylfije Adem Jakupi  | 20.08.2024 - Обновена : 22.08.2024
Османи - Руге: Важни консултации и координација со НАТО во врска со планот за отворање на мостот во Митровица Фото: Претседателство на Косово / АА

ПРИШТИНА (АА) - Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска го прими помошникот генерален секретар на НАТО за надворешни работи и безбедност, амбасадорот Борис Руге, со кого разговараше за прашањето за отворање на мостот на Ибар во Митровица, јавува Анадолу.

Претседателката Османи повтори дека отворањето на мостот како чин на нормализација и интеграција, е во интерес на сите граѓани, без разлика на етничката припадност, соопштија од Претседателството на Косово.

Таа ја истакна „важноста од консултации и координација меѓу косовските институции и безбедносните партнери, особено со НАТО, со цел да се изгради заеднички план на имплементација за отворање на мостот“.

Претседателката ја повтори благодарноста на Косово за континуираниот придонес на НАТО за Косово и укажа на посветеноста на Косово за членство во НАТО. Османи истакна дека Косово е подготвено да придонесе за трансатлантско единство во одбрана на заедничките вредности на мирот, демократијата и слободата.

По прашањето за отворање за сообраќај на главниот мост на Ибар во Митровица, кој ги поврзува јужните мнозински албански и северните мнозински српски делови од градот, во понеделникот претседателката Османи разговараше со командантот на КФОР, Озкан Улуташ. Османи на таа средба го повтори ставот дека прашањето за отворање на мостот не треба да биде тема на дијалог со Србија.

Мисијата на КФОР, предводена од НАТО, во повеќе наврати изјави дека секоја одлука во врска со мостот на реката Ибар, мора да се донесе преку политички дијалог и на координиран начин. КФОР ги повика сите актери да се воздржат од еднострани изјави и дејствија кои можат да предизвикаат тензии. Од КФОР порачаа дека нема да се двоумат да реагираат на каков било релевантен безбедносен развој.

По противењето на земјите од Квинта, ЕУ и НАТО за отворање на мостот во овој момент, косовскиот премиер Албин Курти изјави дека отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица е праведно, неопходно и корисно за сите, но дека ќе ги продолжи консултациите и координацијата со партнерите.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.