политика, Балкан

Османи - Селаковиќ: „Со спроведувањето на „Отворен Балкан“ нашата економскo-трговска размена ќе продолжи да расте“

Двајцата министри истакнаа дека имале отворен и конструктивен разговор во кој се анализирале односите меѓу Северна Македонија и Србија...

Husamedin Gina  | 25.02.2022 - Обновена : 26.02.2022
Османи - Селаковиќ: „Со спроведувањето на „Отворен Балкан“ нашата економскo-трговска размена ќе продолжи да расте“ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – Mинистерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, кој престојува во официјална посета на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).

Османи и Селаковиќ одржаа тет-а-тет средба во Министерството за надворешни работи, по што следуваше пленарна средба меѓу делегациите на двете земји.

По средбата, Османи и Селаковиќ одржаа заедничка прес-конференција.

Истакнувајќи дека на денешната средба имале отворен и конструктивен разговор во кој се анализирале односите меѓу двете земји, Османи рече дека двајцата констатирале дека тие односи се пријателски и партнерски со тенденција за продлабочување, проширување на соработката и зацврстување на довербата.

Османи, потсетувајќи дека е забележително засилување на политичкиот дијалог преку редовни билатерални средби, рече дека денеска е потпишана спогодбата за основање на културно-информативни центри во двете земји.

„Сакам да изразам задоволство што денеска ја потпишавме спогодбата за основање на културно-информативни центри во Белград и во Скопје. Верувам дека со тоа ќе создадеме услови за зголемување и зајакнување на културната размена и поврзаноста меѓу нашите граѓани“, рече Бујар Османи.

Наведувајќи дека на денешната средба изразил поддршка на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Европската Унија (ЕУ), Османи рече дека дал и охрабрување за што поскоро затворање на сите отворени прашања во регионот и придвижување кон помирување и целосна европска интеграција на регионот.

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, истакна дека на средбата со посебно задоволство констатирале дека во 2021 година економско-трговската размена меѓу двете земји го достигнала историското ниво од 1 милијарда и 120 милиони евра.

„Уверени сме дека со понатамошното спроведување и оживување на иницијативата „Отворен Балкан“, која ја гледаме како голема шанса за регионот, нашата економска-трговска размена ќе продолжи да расте“, рече министерот Селаковиќ.

Меѓу другото, Никола Селаковиќ, истакнувајќи дека на денешната средба разговарале и за регионалните прашање, како што е дијалогот помеѓу Белград и Приштина, рече дека ги истакнал нивните ставови посветени на дијалогот, како единствено прифатливо решение за кое било политичко прашање што постои и дека нивната посветеност на дијалогот нема да се доведува во прашање.

Одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција, министерот Бујар Османи рече дека ситуацијата во Украина не е добра, особено во Киев, и дека амбасадорот Крум Ефремов, дипломатот и други двајца граѓани што се во Амбасадата, поголемиот дел од денот го поминуваат во скривница отколку во Амбасадата.

„Не можат да одат во нивните резиденции, туку останале и преспале во Амбасадата. Се обидуваме да ги евакуираме. Јас имав неколку контакти со колеги и министри од регионот, има околу 20-ина амбасадори на ЕУ во моментот во Киев, кои, исто така не можат да излезат. Правиме аранжмани, доколку која било од овие земји што имаат амбасади таму, обезбеди прв транспорт, да можеме и нашите дипломати да ги извадиме до Полска“, нагласи министерот Османи.

Тој, исто така, додаде дека според последната информација што ја добил од амбасадорот, Киев е опколен и засега нема услови да ги напуштат скривниците, но дека се надеваат дека ќе се најде начин да се извлечат до Полска.

Руската агресија во Украина, како што нагласи Османи, има сериозни последици за европската безбедност, и дека тоа најмногу ќе се манифестира на слабите точки - Балканот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.