Пендаровски за АА: „Турција на Балканот имала, има и ќе има конструктивна улога“
Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Агенција Анадолија, по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Туркије, рече дека односите меѓу двете земји се на „исклучително високо ниво“.
СКОПЈЕ (АА)
- Бесар АДЕМИ / Абдула БЕРИША
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, изјави дека земјата, уште од почетокот на 90-тите години, кога ја прогласи својата независност па сѐ до денес, секогаш добивала максимална поддршка од Туркије, која ѝ помага на патот кон нејзиното членство во меѓународните организации, но и во економската област со бројни инвестиции.
Во интервју за Агенција Анадолија (АА), по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Туркије, што се одбележува в петок, 26 август, претседателот Пендаровски рече дека односите меѓу двете земји се на „исклучително високо ниво“.
Тој нагласи дека во политичкиот дел оваа квалификација започнува од 1991/1992 година кога Северна Македонија прогласи независност, додека во однос на економскиот дел, како што рече претседателот, соработката е зголемена на почетокот на 2000-тите бидејќи „во 90-тите имаше голем простор за подобрување на економската и трговската соработка, бидејќи турскиот бизнис не беше доволно присутен тука“.
„И политички, и економски, и во нашата соработка во меѓународните организации секојпат сме добивале максимална поддршка од Турција [Туркије] и обратно. Мислам дека не може поинаку и да биде, со оглед на историските врски кои ги имаме, на огромната дијаспора која од тука е отселена во Турција и обратно, мислам како мост на соработка. И сите претпоставки се таа соработка да се развива и понатаму во интерес на двете држави и двата народа“, рече Пендаровски.
Македонскиот претседател нагласи дека улогата на Туркије беше огромна при зачленувањето на Северна Македонија во меѓународните организации, особено во зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, бидејќи Туркије е стара членка на Алијансата.
Тој како пример ги спомна документите на НАТО, во кои уште од првичната кандидатура на Северна Македонија за членство во 1999 година, земјата се именуваше како Поранешна Југословенска Република Македонија, но насекаде имаше фуснота во која пишуваше „Турција ја признава оваа држава под името Република Македонија“.
„Јасно е дека политичката поддршка за наше повидливо и пошироко меѓународно етаблирање беше неспорно од страна на Турција [Туркије] сите тие години, и ден-денес е така“, додаде Пендаровски.
- „Има многу работи да научиме од Турција [Туркије]“
Пендаровски ја пофали Туркије како „стара членка на меѓународната заедница“, истакнувајќи дека следната година Туркије ќе ја прослави 100-годишнината од своето постоење од 1923 година.
„Турција [Туркије] има стара традиција уште од претходните времиња и е една од најстарите држави со најстари култури и традиции, една од најстарите дипломатии, така што имаме уште многу работи што треба да ги научиме од Турција [Туркије] во тој дел, како се структурира еден државен организам, една државна структура“, рече Пендаровски.
Тој, исто така, напомена дека Туркије е меѓу првите земји што ја призна независноста на Северна Македонија во 1991 година и испрати свој амбасадор во Скопје, моменти кои македонскиот претседател ги опиша како „најемоционални“ во односите меѓу двете земји, но и „во политичка смисла, најсуштински момент за етаблирање на Владата и македонската држава во тој период“.
- „Секоја четврта компанија во Северна Македонија има турски капитал“
Понатаму, претседателот Пендаровски зборуваше и за трговските и економските односи меѓу Северна Македонија и Туркије, нагласувајќи дека од почетокот на 2000-тите „почнува нагло зголемување" на обемот на трговската размена.
„Трговската размена меѓу двете држави за минатата година е околу 780 милиони евра. Последниот податок што го имам, кој е обработен од нашиот статистички завод, кажува дека само во првиот квартал од оваа година со Турција [Туркије] имаме над 250 милиони евра трговска размена во двете насоки“, нагласи Пендаровски, додавајќи дека доколку овој тренд се задржи и во другите квартали на оваа година, трговската размена меѓу двете земји ќе достигне над 1 милијарда евра.
Осврнувајќи се на странските инвестиции, Пендаровски информира дека во Северна Македонија има околу 1.350 странски компании, од кои голем дел се турски инвеститори. Тој вели дека за Северна Македонија е значајно тоа што турските инвеститори на земјата гледаат како на една од нивните најатрактивни дестинации и нагласи дека трендовите покажуваат дека „одиме само во нагорна линија“.
„Во [Северна] Македонија има околу 1.350 фирми со странски капитал, фирми кои се со комплетно странски капитал или доминантно странски капитал. Секоја четврта има турски капитал. Значи од овие 1.350 секоја четврта има или комплетно или доминантно турски капитал. Значи сметајте колку е големо присуството на турските инвеститори кај нас“, истакна Пендаровски.
Тој додаде дека надлежните министерства и агенции на земјата работат на продлабочување на оваа соработка, во различни сектори. Како што рече, трговската размена со Туркије е диверзифицирана и не се однесува само на еден економски сектор.
„Од индустријата до туризмот практично секаде постојат сѐ уште големи, да ги наречам „џебови“ на неискористени можности или маневарски простор да се подобри таа соработка. Со оглед дека има јасна политичка волја на двете страни, во двете држави, значи нема никакви политички проблеми меѓу двете држави кои евентуално би го попречувале или лимитирале тој раст, мислам дека во различни области само ќе бележиме нагорни и позитивни резултати“, нагласи Пендаровски.
- „Турција [Туркије] на Балканот нема никакво влијание што би ги поделило народите во регионот“
Понатаму, Пендаровски оцени дека од аспект на Северна Македонија нема отворено прашање што ги оптоварува билатералните односи меѓу Анкара и Скопје. Исто така, додава тој, дури и да се праша некој турски политичар или претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, тој би искажал „слична формулација“.
„Факт е дека нема [отворено] прашање. Мислам дека и нашите турски пријатели со тоа ќе се согласат. Нема прашање кое ги оптоварува дотолку односите, да кажете, ако ова не го решиме, понатаму тешко дека ќе имаме вакви позитивни трендови како досега. Јас не гледам такво прашање и мислам дека тука со нашите турски пријатели сме во еден конзенсус“, додаде Пендаровски.
Според македонскиот претседател, Туркије имала, има и ќе има прилично конструктивна и позитивна улога на Балканот. Како што истакна Пендаровски, Туркије има балансиран пристап кон целиот Балкан, без разлика на верската или етничката припадност на граѓаните што живеат во земјата.
„Турција [Туркије] никогаш на Балканот, ако сакате и на Западен Балкан посебно, немала некаква улога или влијание кое ќе ги подели народите во регионот. Никогаш не била за едни, а против други. Пример, Турција [Туркије] како доминантна муслиманска држава и општество, има прилична бројка на посети, инвестиции и одлична соработка, колку што можам да видам, да речам, со Србија. Значи не може да кажеме дека Турција е свртена само кон Босна и Херцеговина, како што некои мислат, туку е буквално [свртена] кон сите држави на Западен Балкан подеднакво“, рече тој.
- За украинскиот договор за пченица, „малкумина веруваа дека вакво нешто е можно“
Претседателот на Северна Македонија зборуваше и за руската војна во Украина и улогата на Туркије како медијатор. Тој нагласи дека Русија е неоспорен агресор во Украина, но според него, постојат многу малку луѓе и држави на светот кои можат да разговараат со рускиот претседател, кој „е главниот архитект на овој напад врз Украина“.
„Последниот договор за извоз на пченица и житарици, украински, кој го постигнаа по часови и денови преговори помеѓу руската и украинската страна, Турција [Туркије] беше медијатор. Во овој момент не верувам дека има некоја друга држава во светот која може да одржува подеднакви релации и со Украина и со Русија за општо добро, инаку можеше да настане голем глад во некои делови во светот, особено во Африка, ако тоа не се направеше“, нагласи Пендаровски.
Според претседателот, договорот за извоз на украински житарици е само доказ дека личниот ангажман на претседателот Ердоган и целокупната турска дипломатија, но и имиџот на Туркије како држава имаат висока вредност во светот, што овозможија постигнување ваков договор.
„Малку луѓе веруваа дека такво нешто е можно. Јас бев од оние кои беа резервирани, на пример. Знам колку е тешко или претпоставам колку е тешко да преговараш со Путин“, додаде тој.
- Туркије, пример за другите земји кога станува збор за историски прашања
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, поздравувајќи ги турските пријатели, изрази желба да продолжи одличната соработка која Северна Македонија ја има на сите полиња да продолжи и наредниот период.
Тој истакна дека Туркије може да служи како пример за другите земји кога станува збор за историските прашања.
„Имаме голема соработка во делот на образованието, на културата, поради векови и векови наназад, како што е сега модерно да се каже „заедничка историја“, или историја која сме ја споделувале како народи. Турција [Туркије] била присутна со векови во овој регион. И, можеби е интересно да кажам на крај, Турција [Туркије] во рамки на Османлиската Империја била присутна на Балканот неколку века, меѓутоа, денешна Турција [Туркије] се однесува на модерен начин кон регионот каде што некогаш била освојувач. И тоа треба да биде за пример на многу други држави во светот, не само во регионот. Било што било, историјата нека остане во историските архиви, денес треба да соработуваме“, изјави Пендаровски.
Одговарајќи на прашањето дали најтешкото е надминато во преговорите со соседна Бугарија, претседателот Пендаровски рече дека тоа зависи од однесувањето на официјална Софија.
„Ова досега беше многу тешко. Последниот чин, посебно, на почетокот на преговорите, додека го направивме тој компромис, знаете, имавме голем отпор меѓу граѓаните, не беше едноставно. Дали ќе биде потешко понатаму, зависи само од однесувањето на официјална Софија“, рече Пендаровски.
Тој истакна дека македонската страна има граници и линии на кои не може да гази.
„Ако официјална Софија и понатаму, во наредниот период, настапува со реторика со каква што настапуваше во најголем дел од изминативе две години, обидувајќи се да наметне идентитетски дилеми и прашања на маса, што денес во цел свет не се разговараат, тогаш ти си тоа што сакаш да бидеш и завршена работа, крај. Тоа е основно човеково право. Доколку нашите пријатели и колеги во Софија решат да се однесуваат европски, тогаш мислам дека ние можеме целиот тој процес да го поминеме исклучително брзо, значи во некои четири-пет години да ги завршиме сите преговори“, рече Пендаровски.
- „Ние бевме заборавени од страна на Европската Унија“
Говорејќи за досегашниот евроинтегративен пат на Северна Македонија, Пендаровски рече дека не е задоволен, со оглед на тоа што по 17 години чекање со статус на кандидат, конечно почнуваат преговорите за зачленување.
„Ние бевме практично заборавени од страна на Европската Унија и со серија уцени во меѓувреме, фала Богу, еве некако успеавме да направиме некаков компромис со Република Бугарија, со помош на француското претседателство и да почнеме со преговори. Меѓутоа, ако гледате наназад, еве од 2005 година сме со статус на кандидат, допрва сега да почнувате преговори, не може никој да каже дека сме со голем успех на тој план“, рече Пендаровски.
Според претседателот, чекањето не се должи толку на недостигот на реформи, туку и на отворените блокади. Тој, исто така, тврди дека и „неколку европски држави не беа заинтересирани за регионот на Балканот“.
„Босна и Херцеговина и Косово се апсолутно заборавени држави, апсолутно заборавени држави. Косово не може да добие визна либерализација. И сега ти каков евроентузијазам сакаш кај тоа население, да биде за Европска Унија?!“, истакна Пендаровски.
Потсетувајќи дека Црна Гора и Србија преговараат веќе десет години за членство во ЕУ, тој истакна дека сите држави од Западен Балкан чекаат да напредуваат кон Европската Унија.
„Босна и Херцеговина е државата која објективно најмногу пропати од распадот на бивша Југославија, со најмногу жртви, над 100 илјади мртви само, и не знам, некои велат, и над 2 милиони раселени. Таа не може, поради познатите внатрешни контрадикции, не може да напредува. Меѓутоа, и Европа, затоа што некои држави се поблиски до едниот ентитет, други до другиот ентитет, не им дава многу рака да ги извлече од тој амбис кон кој се приближуваат“, рече Пендаровски.
Претседателот на Северна Македонија рече дека како последица на ваквата ситуација, младите од целиот Балкан се селат, додавајќи дека ниту една држава денес нема ни близу толку жители колку што имала пред 20-30 години.
- Претседателот Пендаровски скептичен дека во овој парламентарен состав ќе се изгласаат уставните измени
Претседателот Пендаровски одговори и на прашањата во врска со внатрешната политика, особено во контекст на уставните измени кои произлегуваат од билатералниот Протокол потпишан со Бугарија.
Toj e скептичен дека сегашнава опозиција во Парламентот има расположение да гласа за уставните измени. Пендаровски смета дека ставот на опозицијата е наметнат од внатрешнопартиска логика.
Според него, во досега потпишаните документи нема никаква опасност кон македонскиот идентитет и јазик.
„Вие не можете сосила никого да натерате [да гласа], ако од сегашната опозиција мислат дека документиве се опасност за македонскиот народ. Јас не мислам така. Моја проценка е дека многу тешко ќе се дојде во овој парламентарен состав до 2/3, затоа што, колку што јас можам да проценам, опозицијата во македонскиот Парламент го чита договорот со Бугарија, односно преговарачката рамка со Европската Унија, низ партиска диоптрија“, рече Пендаровски.
Говорејќи за политичката поларизација во Северна Македонија, тој вели дека не може да се постигне консензус ни за стратешките прашања како што се евроинтеграциите.
„Двата главни политички блока се толку далеку и поларизацијата е толку голема што и јас навистина не верувам дека тука има минимум волја, пред сѐ поради однесувањето на опозицијата, да се договориме за некои две-три стратешки работи“, вели Пендаровски.
Со оглед на политичката поларизација, претседателот Пендаровски не верува дека може да помогне можна лидерска средба иницирана од Кабинетот на Претседателот.
„Во принцип, не верувам дека она што не може да го договорат во институциите, ќе го договорите на лидерска средба“, рече Пендаровски.