Пендаровски ја однесе на училиште малата Ембла, симболот на сплотеност
„Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип”, рече претседателот Пендаровски
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја држи за рака 11-годишната Ембла Адеми од Гостивар со која се движи кон училиштето „Единство“, девојче со Даунов синдром.
Ова е сликата која во изминатите денови ја сподели на своите официјални профили на социјалните медиуми, а која предизвика внимание во јавноста бидејќи со овој гест претседателот Пендаровски испрати порака за поддршка на правата на децата со атипичен развој.
- Случајот „Ембла“ -
Девојчето Ембла е дете со Даунов синдром, кое со еден ден задоцнување тргна на училиште во второто полугодие. Место да биде во училишните клупи заедно со своите соученици, Ембла наставата во основното гостиварско училиште „Братство“ ја следеше сама. Причината за тоа, како што беше објавено во јавноста, е петицијата која ја испратиле родителите на учениците кои истакнале дека одлучиле да не ги пуштаат своите деца на настава „поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла и поради агресивност“.
Поради овој случај, Државниот просветен инспекторат изврши вонредни инспекциски надзор во училиштето при што даде укажување да се преземат соодветни мерки и активности за целосно вклучување на ученичката со посебни потреби во воспитно-образовниот процес.
Откако со случајот беше запознаена пошироката јавност, претседателот Пендаровски ја посети Ембла во Гостивар во нејзиниот дом и со нејзините родители разговараше за предизвиците со кои таа и нејзиното семејство се соочуваат на дневна основа, фокусирајќи се на можностите за нивно надминување.
Претседателот Пендаровски вели дека прекрасната енергија на Ембла имал чест да ја почувствува и во нејзиниот дом и во училиштето во Гостивар.
Од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија сооштија дека Пендаровски ги охрабри и поддржа родителите на Емлба во нивната борба за заштита на правата на децата со атипичен развој и ја поздрави брзата реакција на Народниот правобранител и одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација да отвори постапка за случајот со Ембла.
Претседателот ја нагласи важноста од запазување на законските одредби на инклузија во образованието, потенцирајќи ја општествената одговорност особено кон ранливите групи.
„Во ова општество сите сме еднакви. Дојдов да ја дадам мојата поддршка и да ја кренеме свеста дека инклузијата е основен принцип”, рече Пендаровски.
Претседателот се осврна на инклузивноста како стремеж кој не треба да остане само декларативен, туку преку пракса да се користат потенцијалите на лицата со атипичен развој.
„Предрасудите во тој контекст се главната пречка за изградба на еднакво и праведно општество за сите“, истакна Пендаровски.
Според него, ресорните министерства и надлежните институции имаат законска, но и морална обврска да овозможат инклузивно образование, во кое главниот фокус ќе биде развивање вештини и способности кај децата со различен развоен процес, нагласувајќи ја потребата од сензибилизирање на јавноста по овие прашања.