Последниот јорганџија во Скопската чаршија ја чува семејната традиција стара еден век
Во разговор за Агенција Анадолија (АА) јорганџијата Халили зборуваше за љубовта кон својата работа, со присуство на тага и загриженост во очите, бидејќи по него, овој занает целосно ќе изумре
СКОПЈЕ (АА) - ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -
Старата скопска чаршија може уште да се нарече и темелот на Скопје, главниот град на Северна Македонија. Уникатноста на чаршијата се состои во тоа што нејзините улици раскажуваат приказни за историјата на градот, постоењето на разни народи, раѓањето на бројни занаети, но и за развојот на архитектурата и богатата народна традиција.
Во оваа чаршија се отвориле првите занаетчиски дуќани и се создале најдобрите мајстори на својот занает. Многу од некогашните занаети исчезнаа со текот на времето, а со тоа и занаетчиските дуќани.
Еден од занаетите кој сѐ уште живее во сокаците на чаршијата е јорганџиството. Последниот мајстор на овој занает, чие семејство речиси 100 години се занимава со јорганџиство и кој со многу труд го одржува во живот, е Али Халили.
Во разговор за Агенција Анадолија (АА) јорганџијата Халили зборуваше за љубовта кон својата работа, со присуство на тага и загриженост во очите, бидејќи по него, овој занает целосно ќе изумре.
„Дедо ми бил јорганџија, а по татко ми потоа наследник беше брат ми, ама тој отиде во пензија, постар е од мене, јас наследив по него и со мене [занаетот] ќе се прекине. Децата не сакаат да учат, нема ученици, затоа што прво како занает нема перспектива, второ, занаетот е тежок, тешко е да се изработи јорган. Тоа се тие два главни фактори“, раскажува Халили.
Тој се присети на некогашната Јорганџиска улица, кога тој бил дете и започнал да го изучува занаетот, истакнувајќи дека е многу важно да се работи со љубов, а најважно од сѐ е да се работи чесно.
„Се учи и воспитување, постепено, кога се испече занаетот, прво си чирак, па потоа калфа, и накрај, мајстор. Во превод значи основно, средно, факултет. Само што тука има и воспитување, почитување, како да го пречекаш и како да го испратиш муштеријата со насмевка и да му прикажеш сѐ од твојот занает“, рече Халили.
Оваа дејност се пренесувала од колено на колено, преку неа се создавала традицијата и културното наследство, сѐ до појавата на фабричката изработка, која ја донесе модерното време, а со неа заедно, и недовербата во рачната изработка.
„Ако спиете седум или осум часа во природни материјали, верувајте, сигурно ќе бидете многу поздрави. Дали сакате да дадете пари за на лекар или сакате да спиете на природни [материјали], тоа го бирате вие, не јас. Јас како мајстор морам да ви објаснам дека [да се користи] овој производ е здраво и дека има трајност 50 години“, потсети колку се важни природните материјали за здравјето на човекот.
Тој раскажа дека во западните земји повеќе се ценат природните материјали, а и се вреднува рачно изработениот производ за кој се потребни неколку дена.
„За еден јорган да се сошие, да се изработи, најпрво се шијат двете платна, одозгора и одоздола. Потоа доаѓа полнежот, вештачки или природен, и потоа треба да се дрнда или да се влачи, и потоа јорганот треба од двете страни да се „тепа“ најмалку два часа. За тоа треба мајсторија, да се дотера. Потоа доаѓа мајсторијата на шиењето, рачно кога се шие иглите мора да бидат исти, не може една поголема една помала игла“, објасни занаетчијата Халили, и надополни:
„Еден јорган рачно изработен има приближно од 100 до 120 илјади игли, а тоа е мајсторија зашто треба една рака одозгора и одоздола, сѐ да биде сошиено подеднакво и да биде право. Тоа е мајсторија, но и уметност.“
Халили објасни дека разликата помеѓу јорганите од вештачки и од природни материјали е во нивната издржливост и квалитет. Тој поставил рекорд со обнова на јорган стар 72 години, кој бил значаен спомен на едно семејство.
Во разговорот, последниот јорганџија се врати во времето кога Старата скопска чаршија била единствениот трговски центар, кога јорганот бил составен дел од чеизот на девојката, кога бил традиција.
„Дваесет и пет јорганџии беа. И еден по еден си заминаа, и нормално, како и кај нас, немаа наследници. Од дваесет и пет, останав само јас. Имало побарувачка зашто тогаш немало толку фабрики, имало квалитет. Тоа е многу важно. Муштериите доаѓале во чаршијата, тука се одвивала главната трговија, метража, дали е сребро или злато, дали се ташнари или кондураџии. Сите [занаетчии] биле тука, во чаршијата. И сите имале работа и работеле многу добро“, вели Халили.
Убавината на занаетите е во нивната уникатност, бидејќи не можат да се изработат два исти производа, секој производ е рачно изработен и автентичен.
„Два јоргани нема исти, вие кога го купувате, тоа е уникат“, нагласува Халили, единствениот и последен јорганџија во Старата скопска чаршија, кој со својот занает придонесува за традиционалното културно богатство на чаршијата, со надеж дека занаетчиството ќе биде повеќе ценето во иднина поради својата уникатност.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.