По трагичната несреќа во Нови Сад: Тројцата повредени сѐ уште се во тешка состојба
„Сѐ уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сѐ уште не е стабилизирана, се прави дополнителна дијагностика“
НОВИ САД (АА) – Состојбата на тројцата повредени во уривањето на дел од зградата на железничката станица во Нови Сад, Србија, и понатаму е многу тешка, лекарите се борат за нивниот живот, соопшти директорката на Клиничкиот центар во Војводина, Весна Туркулов, јавува Анадолу.
За работа со семејствата на повредените ангажиран е и тим од психолози и психијатри.
Трите лица кои беа повредени по падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад сѐ уште се во критична состојба опасна по живот, објави јавниот телевизиски сервис на Србија.
„Сѐ уште се живи, што е охрабрувачка вест и тоа е добро, но состојбата сѐ уште не е стабилизирана, се прави дополнителна дијагностика, можни се некои дополнителни интервенции, но борбата за нивниот живот сѐ уште трае“, рече Туркулов.
На повикот за доброволно дарување крв се одзваа голем број луѓе. За кратко време беа собрани 1.000 единици крв, а 600 млади за прв пат даруваа крв.
На 1 ноември загинаа 14 лица, а три лица беа тешко повредени при пад на натстрешницата на зградата на железничката станица во Нови Сад.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ во понеделникот изјави дека денеска ќе поднесе оставка, а премиерот Милош Вучевиќ изјави дека ќе ја прифати оставката на Весиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека одговорноста за трагедијата во Нови Сад мора да биде јасна и недвосмислена и дека треба да се направи сѐ за да не се повтори.
Истрагата за несреќата е во тек, а досега се сослушани 40 лица.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.