Балкан

Протест во Нови Сад: Граѓаните бараат оставки и одговорност за трагедијата на железничката станица

Бескрајната колона граѓани се слеа по централниот Булевар на ослободувањето кон местото на протестот, а блокирана беше крстосницата, како и пристапните патишта до железничката станица

Aleksandar Savanovic  | 06.11.2024 - Обновена : 06.11.2024
Протест во Нови Сад: Граѓаните бараат оставки и одговорност за трагедијата на железничката станица Фото: Filip Stevanovic/AA

НОВИ САД (АА) – Пред железничката станица во Нови Сад, Србија, започна протест на незадоволни граѓани поради несреќата што се случи во петокот на 1 ноември, кога при пад на настрешница загинаа 14 лица, а тројца се тешко повредени, јавуваат Анадолу.

Протестот започна со едноминутно молчење за жртвите во несреќата.

Протестите беа најавени како граѓански и во изминатите неколку дена граѓаните беа повикани преку социјалните мрежи да се соберат пред местото на големата трагедија, најголема во повоената историја на Нови Сад.

Протестите беа поддржани од новосадската опозиција, а меѓу барањата наведени се оставки на српскиот премиер и поранешен градоначалник Милош Вучевиќ и актуелниот градоначалник на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, итно апсење, процесуирање и казнување на одговорните за несреќата, како и увид на јавноста и експертите во комплетниот договор и документација која се однесува на сите проекти кои се прогласени од национално значење.

Бескрајната колона граѓани се слеа по централниот Булевар на ослободувањето кон местото на протестот, а блокирана беше крстосницата, како и пристапните патишта до железничката станица.

Во текот на денот во Нови Сад забележани се големи полициски сили како влегуваат во Градското собрание и зградата на Покраинската влада.

Просториите на владејачката Српска напредна партија на повеќе локации во Нови Сад вчера и денеска беа обоени со црвена боја и излепени со плакати со кои се бара оставка од одговорните, а некои канцеларии беа вандализирани.

Пред протестот студентите од Нови Сад го обоија просторот пред Кривичниот суд во Нови Сад со црвена боја оставајќи траги од „крвави“ раце.

Во текот на денот здружената опозиција во Нови Сад соопшти дека одредени навивачки групи добиле бејзбол палки со цел да предизвикаат немири, и дека е ангажирано обезбедување за да спречат такви инциденти. Од владејачката Српска народна странка соопштија дека опозицијата со неосновани обвинувања се обидува да им ја префрли одговорноста за евентуалните инциденти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.