Балкан, Коронавирус

Северна Македонија: Пристигнаа 24.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“ преку ковакс-системот

Во среда, на 31 март, започнува вакцинацијата. Први за вакцинација ќе бидат 20.000 луѓе коишто веќе се пријавени.

Admir Fazlagic  | 28.03.2021 - Обновена : 29.03.2021
Северна Македонија: Пристигнаа 24.000 дози од вакцината на „АстраЗенека“ преку ковакс-системот Фото: АА/Архива

СКОПЈЕ (АА) - На Меѓународниот аеродром Скопје преку ковакс-системот денеска пристигнаа 24.000 дози вакцини од производителот „АстраЗенека“, јавува Агенција Анадолија (АА).

На настанот организиран по повод пристигнувањето на вакцините се обрати министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, кој рече дека ова се првите дози на вакцини преку ковакс-системот, што уште во летото минатата година се разви и во чие развивање инвестирале и учествувале многу земји во светот, како и Светската здравствена организација (СЗО), Глобалната алијанса за имунизација, со цел да има еднаква и правична распределба на вакцините во светот.

Тој упати благодарност до сите земји коишто го поддржаа овој систем, посебно до претставниците на САД, Германија, Велика Британија, Франција, до претставниците на СЗО и на УНИЦЕФ, со чија помош е организиран целокупниот систем за транспорт, прием и за користење на овие вакцини.

„Станува збор за 24.000 дози на вакцини од производителот АстраЗенека. Сега ние сме целосно посветени системот на имунизација да се спроведе брзо и ефикасно, имаме најави за пристигнување и на други вакцини во текот на овој месец. Очигледно, очекувањата во делот на времето не се исполнија и ова сето доаѓа со неколку недели задоцнување. Меѓутоа, имајќи предвид дека е огромна побарувачката на вакцини насекаде во светот, имајќи предвид дека сите земји се соочени со овој предизвик, добро е што системот покажа дека функционира така како што е замислен“, изјави Филипче.

Според него, добро е што имаат сигнали дека системот ќе продолжи да функционира на овој начин за да се знае во следните месеци точно колку вакцини можат да стигнат преку ковакс-системот за процесот на имунизација кога ќе започне да има континуитет.

Филипче рече дека во среда, на 31 март, започнува вакцинацијата откако ќе се заврши административната процедура во Агенцијата за лекови. Први за вакцинација ќе бидат 20.000 луѓе коишто веќе се пријавени. Се работи за лица со над 75 години возраст, со хронични болести и согласно местото на живеење ќе биде направена дистрибуцијата, што значи дека ќе се спроведе во вакциналните пунктови.

Сите пријавени како ризични категории според приоритетите ќе бидат повикувани за вакцинирање, а место за вакцинација ќе биде Салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Исто така, министерот Филипче информираше дека во април треба да пристигнат дополнителни 76.000 дози вакцини, повторно од производителот АстраЗенека.

Освен министерот Филипче, на настанот присуствуваше и делегација во која беа членови на дипломатскиот кор, претставници на СЗО, УНИЦЕФ и на регионалната канцеларија на ОН, кои ја пречекаа пратката со вакцини против Ковид-19 испратена преку ковакс-системот во Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија првите вакцини пристигнаа на 14 февруари. Се работи за вакцините од производителот „Фајзер“, што Србија ѝ ги отстапи на Северна Македонија. Првата пратка изнесуваше 4.680 вакцини, а втората пратка пристигна на 24 февруари и имаше 3.510 дози вакцини.

Со овие вакцини се вакцинираат здравствените работници.

На 7 март пристигна руската вакцина „Спутинк В“, во количество од 3.000 дози вакцини.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.