Балкан

Симовски: „Успешниот попис е бенефит за сите, а неуспешниот, огромна загуба за сите“

„Главниот предизвик е што веќе 19 години немаме попис во државата. На државата неопходно ѝ се потребни вакви податоци за да може да се креира краткорочен, среднорочен и долгорочен развој", истакна Симовски

Admir Fazlagic  | 10.02.2021 - Обновена : 11.02.2021
Симовски: „Успешниот попис е бенефит за сите, а неуспешниот, огромна загуба за сите“ ( Foto: Umeys Sulejman / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Политиката повторно сака да земе свое учество во пописот, а ако тоа се случи, тогаш веќе немаме статистичка операција, туку имаме политичка операција, истакна во интервјуто за Агенција Анадолија (АА) директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) на Република Северна Македонија, Апостол Симовски.

Во разговорот за АА, Симовски говореше за важноста на спроведувањето на пописот за граѓаните и државата, како и за подготвеноста на ДЗС како институција да го спроведе овој статистички попис.

Симовски вели дека ДЗС веќе подолг период се подготвува за пописот на населението, домаќинствата и становите кој треба да се одржи во април оваа година, но дека подготовките во делот на теренската организација станале поинтензивни по усвојувањето на Законот за попис во Собранието на Северна Македонија во јануари оваа година, по што и претседателот на државата, Стево Пендаровски, го потпиша Указот за прогласување на Законот за попис.

„Ќе бидеме спремни максимално, комплетно, во секој поглед, оваа операција да ја спроведеме во согласност со сите стандарди коишто ги пропишува меѓународната заедница, а во суштина ни требаат нам како држава“, нагласува Симовски.

Директорот на ДЗС информира и за неодамна одржаната средба во Собранието на РСМ со претставниците на државниот врв, со министрите и раководителите на институциите, како и со претставниците на локалните самоуправи низ земјата, затоа што, како што рече, локалните самоуправи имаат свое учество во пописот, односно, за да може да се спроведе пописот на терен, потребна е логистичка помош, а таа единствено може да се добие од локалните самоуправи. За таа цел и согласно законот се формираат 50 регионални пописни комисии кои имаат исклучива функција на обезбедување логистика.

Според Симовски, важноста на одржувањето на пописот се огледува и во тоа што речиси две децении во земјата не е спроведена оваа најважна статистичка операција.

„Главниот предизвик е што веќе 19 години немаме попис во државата. На државата неопходно ѝ се потребни вакви податоци за да може да се креира краткорочен, среднорочен и долгорочен развој. Меѓутоа, особено поради тоа што неуспешниот попис во 2011 година се случи благодарение на обидот во пописот да се инсталира политиката. Тоа беше главната причина зошто тој попис не успеа. И сега реално постои таа опасност и се гледа дека во јавноста е многу присутна, дека политиката повторно сака да земе свое учество во пописот, нешто на што ние целосно се спротивставуваме и ги правиме сите можни бариери тоа да не се случи. Бидејќи, ако тоа се случи, тогаш веќе немаме статистичка операција, туку имаме политичка операција“, вели Симовски, и додава:

„Оттука се сите овие реакции од одредени политички субјекти коишто очигледно имаат голема намера да бидат дел од пописот како политички субјекти, што е нешто што ниту смееме ниту сакаме да го дозволиме. Меѓутоа, сметаме дека имаме доволно сила тоа влијание да го изолираме и да не се случи политизација на пописот.“

- Попис во време на пандемија

Запрашан за тоа колку е специфично да се спроведе пописот на населението во време на пандемија на коронавирусот (Ковид-19), Симовски смета дека доколку се почитуваат предвидените протоколи за заштита и доколку нема да има нов бран на коронавирусот, ќе може безбедно да биде спроведен пописот.

„Не е проблем ако ги запазуваме сите мерки коишто ќе бидат пропишани од страна на овластени институции да се заштитиме сите. Никој не е будала да праќа луѓе во неизвесност дека може да се разболат или можат да ја пренесат болеста (вирусот Ковид-19) на лица со кои ќе контактираат. Апсолутно внимаваме многу и ќе инсистираме на максимално почитување на сите тие протоколи што ќе ги добиеме. Дури и ќе ги зајакнеме, сеедно како ќе бидат официјалните, ние ќе одиме на тоа да направиме повисоки мерки на заштита“, уверува Симовски.

- „Успешниот попис е бенефит за сите“

Од друга страна, како што вели, го загрижуваат одредени најави на политичките субјекти кои во јавноста ја пласираат идејата за бојкот на пописот.

„Ме плаши и тоа би било најголемата лудост да се направи во државата – бојкот на пописот. Тоа би било самоубиство да си извршиме сите. Бидејќи, ако и сега не успееме да спроведеме попис, тогаш, дефинитивно, не само што ќе останеме во оваа дупка во која се наоѓаме сега, туку ќе потонеме уште многу, многу подлабоко, и не верувам дека некогаш ќе го најдеме излезот. Ако размислуваме да живееме во едни такви околности, да станеме последната црна дупка на планетата кога говориме за земји, никој да не нѐ есапи за ништо како држава, тогаш, ајде повелете да направиме да ни пропадне и оваа операција. Тоа е работа на сопствена штета. На крајот, „сметката“ ќе ја платиме сите како граѓани“, смета Симовски, и нагласува:

„Успешниот попис е бенефит за сите, а неуспешниот попис е огромна загуба за сите. И тој што ќе се обиде и се обидува да промовира да се бојкотира пописот, во суштина не мисли ништо добро ниту на своите граѓани ниту на својата држава.“

Во однос на важноста на пописот за помалубројните етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, во поглед на остварувањето на правото на соодветната и правична застапеност ва јавниот сектор, како и остварувањето на другите права од областа на културата и другите полиња со кои се подобрува квалитетот на нивниот живот, Симовски вели дека единственото што можат да го ветат како ДЗС е обезбедување точни податоци.

„Државниот завод за статистика спроведува попис, а ниту дава ниту зема некому права. Тие права се дадени со законите, со Уставот. Она што ние можеме да го ветиме и да го кажеме и тука апсолутно ќе стоиме на тоа и нема ниту милиметар да отстапиме од таа работа е да обезбедиме квалитетни и точни податоци. Сето останато е како државата, институциите и оние кои се надлежни ќе реагираат на овие податоци. Ниту даваме ниту земаме права, а сакаме сите да ги имаат максималните права. Во тој дел ние ништо не правиме. Меѓутоа, ако дадеме реални показатели, тогаш нека повелат тие што се со закон овластени и задолжени тоа да го прават, нека ги остваруваат тие работи“, потенцира Симовски.

- Попишување на државјаните на Северна Македонија надвор од земјата

Покрај државјаните на земјата кои се присутни во државата за време на пописот, ќе се попишуваат и државјаните кои се нерезидентни граѓани, односно лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина.

Во тој контекст на разговорот, Симовски објаснува дека попишувањето на лицата коишто се надвор од државата и кои влегуваат во таа категорија на нерезидентно население не е обврска на државата, но дека државата одлучува дали има потреба да има информација за овие лица.

„Ние како традиционално емиграционо подрачје сметаме дека нам и тоа како ни се потребни ваков тип податоци, бидејќи, за жал, останатите статистики не ги следат промените во делот на емиграцијата. И немаме, прештури ни се информациите за тоа што ни се случува, а знаеме, сите сме свесни дека имаме масовно иселување со децении наназад“, вели Симовски, и истакнува:

„Нашата намера со пописот е да собереме што е можно повеќе информации за овие лица коишто се надвор, односно повеќе информации за повеќе лица што се надвор. Не гаиме илузија дека ќе ги опфатиме сите, треба да бидеме многу оптимисти да кажеме сите тие ќе бидат опфатени со пописот, бидејќи во најголем дел случаи цели домаќинства се отидени надвор, и да прашуваме во земјата, нема кој да даде податок за нив. Останува на нивната волја самите на апликација која ја имаме подготвено и која ќе ја имаат на располагање цел месец порано, од 1 март до 21 април (52 дена) самите да се попишат. Дали и колку од нив ќе ја искористат таа можност, не зависи од нас. Од нас зависи колку добро ќе ги информираме за таа можност.“

Исто така, постои законска можност, државјаните на РСМ кои се надвор од земјата да бидат попишани на начин што за нив податоци ќе дадат нивните семејства.

„Првата можност самите да се попишат е најбитна. Зошто? Нивните семејства, блиски луѓе не ги знаат сите податоци за нив како што треба, апликацијата не дозволува половичен одговор. Значи, или знаете сѐ, или [апликацијата] не прифаќа одговор. Втората работа, зошто ги мотивирам плус да се пријават [преку апликација] е тоа што не може некој за вас да каже податок за етничката припадност, и да кажал нема да се прифати, тоа поле ќе остане празно тоа поле, а таму не мора да има одговор, тоа не е задолжително. Ниту по Уставот вие може да не се изјасните. Таму мора лично изјаснување. Исто и за религиозната припадност, во тој дел ќе остане без одговор“, појаснува Симовски.

За крајот на разговорот, директорот на ДЗС порачува дека бенефит од пописот ќе има граѓанинот на државата, додавајќи дека ова не е само попис за лицата, туку попис и за домаќинствата и становите, и дека податоците од пописот се важни за сите нивоа на власта, затоа што тој е сеопфатен и најреална основа за планирање на идниот развој.

- Попис во април 2021 година

Предвидено е пописот да се спроведува во периодот од 1 до 21 април 2021 година, со употреба на пренослив компјутер, на посебна апликација, при што задолжително ќе се применуваат технички и организациски мерки согласно прописите од областа на заштита на личните податоци.

Електронската апликација со која ќе се врши попишувањето функционира на седум јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански.

Во земјата првиот попис е одржан во 1948 година. Досега се спроведени осум пописи, а последниот во 2002 година, според кој бројот на населението изнесуваше 2.022.547.

Според податоците од Пописот во 2002 година во Македонија, етничката структура на населението беше: Македонци - 1.297.981 (64,18%), Албанци - 509.083 (25,17%,), Турци - 77.959 (3,85 %), Роми - 53.879 (2,66%), Срби - 35.939 (1,78 %), Бошњаци - 17.018 (0,84%), Власи - 9.695 (0,48 %), други -20.993 (1,04%).

Во 2011 година почна да се реализира попис, кој беше прекинат, откако членовите на Пописната комисија поднесоа колективна и неотповиклива оставка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.