култура и уметност, Балкан

Со настапот на светски познатата Сесил Меклорин Салвант започна Скопскиот џез фестивал

Скопскиот џез-фестивал е една од водечките културни манифестации во Северна Македонија, со традиција од 42 последователни години и со извонредна репутација во Европа и во светот

Abdula Berisha  | 17.10.2024 - Обновена : 17.10.2024
Со настапот на светски познатата Сесил Меклорин Салвант започна Скопскиот џез фестивал Фото: Umeys Sulejman/АА

СКОПЈЕ (АА) - Билетите на Националната Опера и Балет во Скопје вечерва беа распродадени по повод настапот на светски познатата џез пејачка Сесил Меклорин Салвант, со што се отвори овогодинешното издание на Скопскиот џез-фестивал, јавува Анадолу.

Пред почетокот на програмата, краток говор имаше директорот на фестивалот, Оливер Белопета, кој истакна дека со настапот на Скопскиот џез-фестивал, Сесил Меклорин Салвант ја започнува нејзината турнеја низ Европа, додавајќи дека сите други странски групи и артисти кои се на програмата, имаат ексклузивен настап само во Скопје.

„Практично, сите оние што ќе ги кажам за следните денови, овде доаѓаат за еден единствен концерт од најразлични места од Европа и од САД“, рече Белопета.

Според програмата, утре ќе настапат португалскиот саксофонист Родриго Амадо заедно со групата „Да бриџ“ (The Bridge), а утре на полноќ настап ќе има и музичката група „Ди Енд“ (The End) составена од таленти од Норвешка, Шведска и Австрија.

Во сабота, соло-рецитал ќе има њујоршкиот пијанист и композитор, Давид Вирејес, а после него следи „најголемата ексклузива на фестивалот“, како што тоа го оцени директорот Белопета, настапот на Роб Мазурек и „Експлоудинг стар оркестра“ (Exploding Star Orchestra).

Во недела, настап ќе има дуото Никол Мичел и Марк Сандерс, по што следи настапот на „Фајр! Оркестра“ (Fire! Orchestra).

Организаторите најавија и придружна програма со документарни филмови поврзани со џезот, како и изложбата „Радикал Кимерас“ на Роб Мазурек.

Исто така, ќе биде доделена награда за најдобар музичар во минатата година во Северна Македонија, а годинава е планирана и работилница за деца, „Џез фор кидс“, во Европската куќа (Europe House).

„Скопскиот џез-фестивал“ е една од водечките културни манифестации во Северна Македонија, со традиција од 42 последователни години и со извонредна репутација во Европа и во светот. Се вбројува меѓу водечките џез-фестивали во Европа. Фестивалот започна да се одржува во 1982 година, а во неговата историја се впишани настапите на најславните имиња на американскиот и европскиот џез, на латиноамериканската и африканската музика, како и најдобрите македонски музичари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.