Србија: Во пресрет на утрешните протести, Вучиќ повика на мир, очекува истрага за „преговорите со војската“
Вучиќ наведе дека властите на Србија со големо внимание одговориле на барањата на студентите во блокадата, велејќи дека „тоа не беше доволно бидејќи целта е спроведување обоена револуција во Србија“

САРАЕВО (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денес во Белград пред утрешните протести изјави дека „нема да има преодна влада додека сум жив“, најавувајќи истрага за наводите за „преговори со војската“ кои ги нарече учество во обид за пуч, јавува Анадолу.
Вучиќ наведе дека властите на Србија со големо внимание одговориле на барањата на студентите во блокадата, велејќи дека „тоа не беше доволно бидејќи целта е спроведување обоена револуција во Србија“.
Утре во Белград ќе се одржи масовен протест на студентите, земјоделците и граѓаните, што се очекува да биде најголемиот собир во серијата демонстрации што почнаа по уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, кога загинаа 15 лица.
Вучиќ рече дека насилството нема да се толерира, и дека за секој инцидент ќе одговараат организаторите на протестот, кој тој го оцени како незаконски.
Тој истакна дека државните органи ќе се грижат за безбедноста и ќе работат на заштита на учесниците на собирот и на сите останати граѓани.
Наведе дека протестите ги нарушуваат инвестициите и економскиот раст на Србија, повикувајќи се на информации од светските финансиски авторитети.
- Апсења поради сомненија за планирање упад во институциите -
Вучиќ изјави дека во однос на лицата кои планирале упади и заземање институции, уапсени се сите лица кои се на територијата на Србија, а како што истакна, ќе бидат уапсени и други кои ќе влезат на територијата на земјата.
Налогот на Обвинителството на Босна и Херцеговина за апсење на раководството на ентитетот Република Српска тој го нарече длабоко дестабилизирачки за целиот регион.
„Целта на некои однадвор е да ја уништат Српска, а потоа и Србија, српскиот народ да нема никаква заштита на своите витални национални интереси“, рече тој.
„Србија ќе продолжи да го почитува Дејтонскиот мировен договор“, изјави Вучиќ, одговарајќи на повикот на британскиот амбасадор дека овој договор мора да се почитува, бидејќи „високите претставници од Велика Британија го прекршија тој договор“.
Како што рече, Белград нема да се согласи да ги прекрши правилата за Дејтонскиот договор, само затоа што сега тоа им се допаѓа на големите сили затоа што „не можат ништо да ѝ направат на Русија во војната со Украина, па најдоа еден мал народ да се изживуваат“.
Тој наведе дека „Република Српска може да смета на поддршката на Србија, но и на нејзиното раководство“.
Ги повика сите утре по секоја цена да го сочуваат мирот.
Тој потсети на полициските информации за откривање на Молотови коктели во автомобил во Белград, претходно украден на територијата на Босна и Херцеговина.
- Истрага за „преговори со војската“ -
Вучиќ најави истрага за наводите на некои од водачите на протестите за „преговори со војската бидејќи тоа би значело учество во пуч“.
„Војската си ја врши својата работа во согласност со законот и никој не треба да се грижи за тоа“, рече српскиот претседател, и порача дека во овој момент нема да биде воведена вонредна состојба.
Говорејќи за наводите дека ова се „последните 24 часа од неговото владеење“, Вучиќ рече дека „за тоа ќе разговараме задутре“, и дека оние што мислат дека можат да ги срушат институциите „нека размислат уште еднаш“.
Тој го повтори повикот за мир до сите.
Потсетувајќи се на посетата на синот на американскиот претседател Доналд Трамп на Белград, Вучиќ рече дека разговарале за „надминување на товарот од 1990-тите“.
Нагласи дека разговарале за подготвеноста на Србија да изгради подобри односи со САД, што го оцени за исклучително важно за земјата.