Балкан

Стапува во сила Преспанскиот договор и промена на името на Македонија

„Известуваме дека се исполнети условите за влегување во сила на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите", соопштија од Владата.

Admir Fazlagic  | 13.02.2019 - Обновена : 13.02.2019
Стапува во сила Преспанскиот договор и промена на името на Македонија

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Владата на Македонија ифнормираше дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Преспанскиот договор, со кој се решава спорот за името помеѓу Македонија и Грција, со што Република Македонија го менува своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

„Известуваме дека од денес, 12 февруари 2019 година, влегува во сила Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за Безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, што Министерството за надворешни работи соодветно го објави во Службен весник”, се вели во соопштението на Владата.

„Исто така, известуваме дека се исполнети условите за влегување во сила на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од ХХХIII до ХХХVI на Уставот на Република Северна Македонија, што Собранието на Република Северна Македонија ги донесе на 11 јануари 2019 година. Истите влегуваат во сила денес, на 12 февруари 2019 година со соодветната објава од страна на Владата во Службен весник”, стои во соопштението. Се наведува и дека со тоа започнува извршување на обврските кои произлегуваат од Конечната Спогодба и Уставните амандмани.

„Првичните одлуки во врска со потребните мерки и активности за извршување на горенаведените обврски ќе бидат презентирани во соопштение за јавноста кое ќе го објави Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба”, се вели во соопштението.

Ова доаѓа откако вечерва Грција ја испрати вербалната нота дека тамошниот Парламент го ратификувал Преспанскиот договор и Протоколот за членството на земјава во НАТО.

„Пред малку ги разменивме конечните вербални ноти: Преспанскиот договор влегува во сила", напиша на социјалната мрежа „Твитер", македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

„Нека денешниот ден биде почеток на долготрајно пријателство меѓу Грција и Северна Македонија. Не можеме да го смениме нашето минато, но можеме и ќе ја обликуваме нашата иднина на пријателство, партнерство и соработка", напиша Димитров, откако Владата соопшти дека Преспанскиот договор стапи на сила.

- Преспански договор

Потсетуваме, Преспанскиот договор во јуни минатата година во грчкиот дел на Преспа го потпишаа владите на Македонија и Грција, според кој Република Македонија го менува своето име во Република Северна Македонија. Промената на името го решава проблемот со Грција, кој датира уште од прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија во 1991.

На 11 јануари оваа година, Собранието на Македонија со двотретинско мнозинство ги усвои уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а потоа на 25 јануари со просто мнозинство договорот беше ратификуван и во грчкиот Парламент. 

Министерството за надворешни работи (МНР) на Македонија на 9 февруари соопшти дека по исполнување на сите правни услови за влегување во сила на Преспанскиот договор, Владата на Република Македонија, ќе го објави во Службен весник датумот на влегување во сила на Уставните амандмани и Уставниот закон. 

„Потоа, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на Конечната Спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји”. 

По ова, соопшти МНР, „Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира: Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останати меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени”, се вели во соопштението во кое се додадва дека сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.