живот, Балкан

Уникатниот вкус на албанската кујна, кралицата на питите: „Флија“

‒ Оваа специјална пита, која обично е дел од косовската кујна, се подготвува и во северните делови на Албанија, Северна Македонија и во различни земји каде што живеат албански имигранти

Dzihat Aliju  | 04.04.2022 - Обновена : 05.04.2022
Уникатниот вкус на албанската кујна, кралицата на питите: „Флија“ Фото: Џихат Алију / АА

СКОПЈЕ (АА) ‒​​​​​​​ „Флија“, еден од најважните вкусови на албанската кујна, позната и како кралица на питите, продолжува да ги украсува софрите, и покрај исцрпувачкиот процес на производство.

Оваа специјална пита, која обично е дел од косовската кујна, се подготвува и во северните делови на Албанија, Северна Македонија и во различни земји каде што живеат албански имигранти.

Кај Турците во Северна Македонија, „флија“, која е незаменлив дел од албанската кулинарска култура, позната е и како „пита во низа“.

Според раскажувањата, подготовката на оваа пита, која во минатото често била неизоставен дел од сета храна на софрите, започнувала наутро. Затоа мажите во семејството, пред да заминат на работа, вкусувале неколку реда од питата „флија“.

Денес „флијата“ обично се прави за специјални пригоди и за гости. Според некои, 18 март се смета за традиционален ден на „флија“.


‒ ​​​​​​​Се подготвува од брашно, вода, сол, павлака и масло

Оваа пита се прави од кашеста смеса, која се состои само од брашно, вода и сол. За подготовка на „флија“ потребен е долг и напорен процес.

„Флија“ се формира со истурање на подготвеното тесто во слоеви во тепсија која е претходно намачкана со масло. По желба, може да се подготвува со путер или сончогледово масло, како и со кајмак.

Секој слој тесто истурен во тепсијата се пече со помош на сач (вршник), кој претходно се загрева на оган. Овој процес трае 2,5 часа. На крајот „флијата“ се остава да се пече на оган половина час.


‒​​​​​​​ Седум сестри продолжуваат да ја одржуваат традицијата на „флија“

Косовско имигрантско семејство кое живее во Скопје ја одржува културата на „флија“, како дел од неговата традиција.

Во семејниот бизнис што го основале се произведуваат различни видови пекарски производи.

Адвије Бериша Реџепи, во изјавата за дописникот на Агенција Анадолија (АА) рече дека со оваа угостителска дејност почнале пред една година и со тоа се трудат да ја задржат традицијата на „флија“, која ја прават уште од детството и чиј вкус многу го сакаат.

Појаснувајќи дека „флијата“ има посебен производствен процес, Реџепи истакна дека тестото кое се состои од брашно, вода и сол, треба постојано убаво да се меша за да не се создадат грутчиња.

Наведувајќи дека процесот на производство трае околу три часа, Реџепи додаде: „Ние пораснавме со „флија“. Се сеќавам дека секогаш го правевме тоа кога бевме мали. За нас подготовката на „флија“ не претставува тешка работа. Нашата мајка спремаше, а ние научивме од неа. Затоа, не ни е тешко да ја спремаме. Но, сега веќе не правиме само за нас, туку сакаме секој да ужива во ова задоволство.“

Зборувајќи дека на бизнисот му го дале името „Севен систерс Бакери“ (Seven Sisters Bakery), бидејќи се седум сестри, додаде дека името привлекува внимание кај луѓето.

Адвије Реџепи, истакнувајќи дека со придонесот на нејзините двајца браќа создале добра работна средина, додаде дека се трудат да ја одржат оваа традиција жива и да придонесат за егзистенција на нивните семејства.

Истакнувајќи дека „флијата“ многу им се допаѓа на муштериите, Реџепи рече: „Ние сме многу сестри, работиме со задоволство. Секоја го вложува својот труд и својата волја. Иако имаме други обврски, целосно сме посветени на работата со „флија“, така што сите муштерии се задоволни.“

На крајот од разговорот нагласи дека „флијата“ не е барана само од Албанците, туку и од различните националности, и дека питата има свои консументи и надвор од Северна Македонија, вклучително и од Турција.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.