Балкан, Коронавирус

Хрватска и Словенија ја започнаа вакцинацијата против Ковид-19

„Пресреќни сме што сме избрани, нашиот дом, да бидам прва, конечно да се вакцинираме и конечно да тргнеме во некој понормален живот, и се надевам дека тоа ќе биде набрзо“

Bojana Stojanovic, Stipe Majic  | 27.12.2020 - Обновена : 29.12.2020
Хрватска и Словенија ја започнаа вакцинацијата против Ковид-19 Фото: Stipe Majic/AA

ЗАГРЕБ/ЉУБЉАНА (АА) - Вакцинацијата против коронавирусот започна денес во домовите за стари лица во Хрватска и во Словенија, јавува Anadolu Agency (AA).

Во Хрватска првата личност што е вакцинирана против Ковид-19 е пензионираната фармацевтска техничарка Бранка Анишиќ, штитеник на Домот за стари лица во Трешњевка, на почетокот на кампањата за вакцинација под слоганот „Мисли на другите, вакцинирај се“.

На вакцинацијата присуствуваа премиерот Андреј Пленковиќ, министерот за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика, Јосип Аладровиќ, и директорот на Хрватскиот завод за јавно здравство, Крунослав Чапак, како и градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ.

„Пресреќни сме што сме избрани, нашиот дом, да бидам прва, конечно да се вакцинираме и конечно да тргнеме во некој понормален живот, и се надевам дека тоа ќе биде набрзо.“

Таа ги повика сите граѓани да ја прифатат вакцинацијата со цел да се сочуваат не само себеси, туку и своето семејство, роднините и пријателите од болеста Ковид-19.

Денес 20 корисници ќе бидат вакцинирани во Домот во Трешњевка, а вкупно 110 во наредните денови.

Хрватскиот премиер Пленковиќ изјави дека е среќен што започнала вакцинацијата во Хрватска со првите 9.750 испорачани дози, кои од денес се користат во сите земји членки на ЕУ.

Најави дека на 6 јануари се очекува одобрувањето на вакцината на „Модерна“ од страна на Европската агенција за лекови.

„Потоа, очекуваме да се вратиме во нормален живот и вакцината да ни обезбеди заштита од болеста Ковид-19“, рече Пленковиќ.

Рече дека е одлучено истакнати политичари да не бидат вакцинирани во оваа прва транша од вакцините токму поради важноста за заштита на најранливите.

„Европската Унија нарача 200 милиони дози вакцини во првата фаза, со тоа што еден милион дози се наменети за Хрватска, а таа количина ќе доаѓа во контингенти до септември 2021 година“, соопшти директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Чапак.

Откако вчера пристигнаа првите 9.750 дози од вакцината против Ковид-19 од Фајзер/БајоНтек во Хрватскиот институт за јавно здравје, дистрибуцијата на првите дози на вакцини и вакцинацијата на граѓаните во сите жупании започнува денес, утре и задутре.

- Вакцинацијата во Словенија -

Вакцинацијата против коронавирусот започна денес во домовите за стари лица и во Словенија, а први кои ја примија беа пензионираниот надбискуп Франц Крамбергер, Анѓелка Бутенко и Јоже Пелко.

Според Владата на Словенија, тие биле вакцинирани во домовите за стари лица во Ленарт, Љубљана и Рогашка Слатина.

Државната секретарка на Министерството за здравство на Словенија, Марија Магарне, рече дека веќе се вакцинирани многу корисници на домовите за стари лица, што ја исполнува надежта дека доаѓа почетокот на крајот на епидемијата и додаде дека никој од вакцинираните немал компликации.

Според Магарне, постарите од 80 години кои живеат во своите домаќинства би можеле да дојдат на ред за имунизација на крајот на јануари, додека масовната вакцинација би можела да започне во март.

Во земјата вчера пристигнаа 9.750 дози на вакцините Фајзер/БајонТек. До крајот на годината, според најавите, треба да пристигнат уште 16.575 дози вакцини од тие производители, а ваквата практика треба да продолжи и во наредните недели.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.