Балкан

Церемонија на масовна циркумцизија се одржа во Скопје

- Во организација на добротворната Организација „Ел Хилал“ од Северна Македонија, пред скопското Кале, во соработка со истанбулската Општина Бахчелиевлер од Туркије и скопската Општина Чаир се одржа церемонија на циркумцизија на 100 деца.

Dzihat Aliju  | 22.08.2024 - Обновена : 23.08.2024
Церемонија на масовна циркумцизија се одржа во Скопје Фото: Џихат Алију / АА

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа церемонија на масовна циркумцизија (обрежување) на деца без родители и сиромашни, известува Анадолу.

Во организација на добротворната Организација „Ел Хилал“ од Северна Македонија, пред скопското Кале, во соработка со истанбулската Општина Бахчелиевлер од Туркије и скопската Општина Чаир се одржа церемонија на циркумцизија на 100 деца.

На церемонијата, што започна со читање на делови од светата книга Куран, присуствуваа градоначалникот на Бахчелиевлер, Хакан Бахадир, секретарот на Општина Чаир, Фарук Невзади, градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, претседателот на Здружението „Ел Хилал“, Бехиџудин Шехаби, претставници на Амбасадата на Туркије во Скопје, претставници на разни институции и организации, деца на кои им се правеше циркумцизија и нивните најблиски.

Во своето обраќање, претседателот на Здружението „Ел Хилал“, Шехаби, рече дека во рамките на церемонијата е извршена циркумцизија на деца од различни делови на Северна Македонија.

Наведувајќи дека тие како здружение ја продолжуваат традицијата на масовна циркумцизија по двегодишна пауза, Шехаби рече:

„Како што знаете, овој традиционален настан на хуманитарната Организација „Ел Хилал“ моравме да го прекинеме поради силниот земјотрес што ја зафати Туркије минатата година. И пред две години оваа манифестација беше прекината поради епидемијата на Ковид-19. Оваа традиционална манифестација што ја започнавме во овој формат во 2004 година, ја одржуваме и 20 години подоцна, во 2024 година.“

Зборувајќи дека е многу вредно и драгоцено тоа што настанот се одржува во многу важен и историски регион, Илкер Арслан, советник за внатрешни работи на Амбасадата на Туркије во Скопје, истакна:

„Како Амбасада на Република Туркије во Скопје, сакавме да бидеме дел од овој настан, да бидеме набљудувач.“

Градоначалникот на Бахчелиевлер, Бахадир, им се заблагодари на сите кои дале свој придонес во организирањето на овој настан и рече дека муслиманите треба да се обединат, каде и да се во светот.

Бахадир укажа и на она што се случува во Палестина и Газа, привлекувајќи го вниманието врз нападите на Израел, потенцирајќи притоа дека луѓето повеќе не можат да најдат место каде што можат да земат воздух.

Невзади, секретарот на Општина Чаир, им честиташе на оние кои со години успешно ја организираат оваа манифестација и истакна дека Општината ќе продолжи да ја поддржува оваа манифестација и во наредните години.

Хусеин Бодур, советникот за верски прашања при Амбасадата на Туркије во Скопје, ја рецитираше молитвата за циркумцизија. Во текот на церемонијата на децата им беа поделени подароци, а на организаторите плакети во знак на сеќавање на овој настан.

Во рамките на свеченоста беа испеани духовни песни (илахии), а фолклорни групи изведоа народни ора и танци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.