Балкан

„Брисел направи историска грешка со Северна Македонија“

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека Западен Балкан заслужува многу повеќе од она што го доби од Брисел

Abdulbesar Ademi  | 27.09.2024 - Обновена : 28.09.2024
„Брисел направи историска грешка со Северна Македонија“ Фото: Абдулбесар Адеми / АА

ОХРИД (АА) - Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, кој престојува во официјална посета на Северна Македонија, на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, изјави дека Западен Балкан заслужува многу повеќе од она што го доби од Брисел, особено Северна Македонија, кон која, според него, Брисел направил „историска грешка“, јавува Анадолу.

Во текот на вчерашниот ден, локалните медиуми објавија дека според одлука на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија (ЕУ), патот кон членството на Албанија во европскиот блок „ќе се одвои“ од оној на Северна Македонија, со првите групи на преговори што официјално ќе бидат отворени на 15 октомври.

Патот на Северна Македонија и Албанија кон членство во ЕУ започна заедно со отворањето на официјалните преговори во летото 2022 година, но како резултат на споровите меѓу Северна Македонија и Бугарија, влијаеше и на напредокот на Албанија.

Унгарскиот премиер на прес-конференцијата во Охрид истакна дека заштитата на националните интереси и идеали е многу важна. Тој рече дека за еден народ е „многу важно да се заштити националната гордост“.

„Бидејќи Унгарија во моментов претседава со ЕУ“, нагласи Орбан, „најважна тема на средбите во Охрид беше патот на Северна Македонија кон ЕУ“. Според него, важно е Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, да има стабилност и да се приклучи кон ЕУ.

Орбан го спомена и фактот за забрзување на преговорите за членство во ЕУ за Украина и Молдавија, нагласувајќи дека не треба да се изостават земјите од Западен Балкан.

„Мора да ги имаме геополитичките фактори пред нас и да почитуваме дека државите кои со години работеа за влез во ЕУ се ставени во втор план. Тоа не е фер од наша страна, и ние како лидери на ЕУ сметаме дека е многу важно членството на Западен Балкан во ЕУ да остане на агендата“, рече Орбан.

„Народите од земјите на Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од она што досега го добија од Брисел. Сакам да кажам дека овие земји одамна требаше да бидат членки на ЕУ“, додаде тој.

Унгарскиот премиер напомена и дека Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година заедно со Хрватска, кога, исто така, доби позитивна оценка во 2008 година.

„Оттогаш, Хрватска е членка на ЕУ, додека преговорите со Северна Македонија не се ни започнати и ова е многу голема грешка од страна на ЕУ што би ја окарактеризирал како историска грешка.“

„Оваа грешка може да се стави на квадрат бидејќи Северна Македонија ќе биде зад Албанија на патот кон членство. И не гледам причина за ова, но ова ќе биде голем предизвик за оваа Влада да се бори со оваа лоша работа“, изјави Орбан.

Во врска со спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, Орбан рече дека му дал предлог на Мицкоски и дека доколку страните имаат волја, Унгарија може да посредува за изнаоѓање решение кое „одговара“ на двете соседни земји.

Во врска со одвојувањето на европското членство на Скопје од Тирана, унгарскиот премиер рече дека „тоа е тешко да се разбере од народ кој постојано се залажува“.


- Мицкоски: На албанската Влада ѝ посакувам сѐ најдобро во преговорите со ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата порача дека државата не треба да губи надеж и да биде разочарана. Нагласи дека „ние имаме пријатели во ЕУ кои сакаат да го шират нашиот глас во ЕУ“.

„Жалам што ние мораме повторно да бидеме жртва на билатерализација, а не на исполнување на Копенхагеншките критериуми. Но, ние ќе продолжиме да работиме напорно и да ги решаваме проблемите дома“, рече Мицкоски.

Како што рече, само две партии се радувале на оваа одлука за одвојување од европскиот пат со Албанија, „политичарите на источниот сосед (Бугарија) и опозицијата кај нас“.

„На албанската Влада ѝ посакувам сѐ најдобро во преговорите и им посакувам брзо да го завршат процесот на преговори и да станат земја членка во рамките на ЕУ. Се надевам дека и ние ќе можеме еден ден да бидеме дел од тоа семејство и на таа маса“, додаде Мицкоски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.