Балкан

„Неопходен е национален и политички консензус за завршување на дијалогот со Србија“

Тачи истакна дека улогата на српските политички претставници е одредена уште со планот на Ахтисари.. Тој оцени дека српските пратеници не се пречка, туку вредност на косовското општество...

Zülfiya Yakup  | 14.09.2017 - Обновена : 15.09.2017
„Неопходен е национален и политички консензус за завршување на дијалогот со Србија“ Erkin Keçi/АА

Pristina

ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави дека по формирањето на новите косовски институции, важно е да се изгради национален и политички консензус за успешно завршување на дијалогот помеѓу Косово и Србија, јавува Anadolu Agency (AA).

Тачи, учествувајќи на тркалезната маса на тема „Иднината на дијалогот Косово-Србија“ со голем број претставници на граѓанското општество и медиумите во организација на Косовскиот демократски институт, истакна дека дијалогот со Србија нема алтернатива и дека е важен за нормализирање на односите со Србија.

Косовскиот претседател потсети дека во 2013 година во Брисел е постигнат договор меѓу Косово и Србија, и дека од тој договор произлегува и обврската за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово.

Тој нагласи дека верува оти и покрај предизвиците, сите договори постигнати во Брисел ќе се спроведат, и дека дијалогот треба да добие нов квалитет. Тачи истакна дека поради тоа покренал иницијатива за формирање на Тим за единство за финализирање на процесот на дијалогот со Србија, што значи меѓусебно признавање на двете земји и помирување.

„Охрабрувачки е дека за дијалог се одредени сите политички партии, без оглед на разликите. Имаме целосен консензус околу потребата за дијалог, но постојат разлики во тоа како да се води тој дијалог и затоа ќе изнајдеме форма и најдобрите можности кои не спојуваат како политички спектар во Косово со цел да одиме напред. Поради тоа ја објавив својата иницијатива да се формира Тим на единство, за заеднички да работиме на завршување на овој процес“, рече Тачи.

Според него, Тимот за единство би собрал претставници од сите институции, Академијата на науки, граѓанското општество и медиумите. Претседателот истакна дека е потребна и помош од меѓународната заедница.

„Неопходно е меѓународната заедница, особено ЕУ и земјите-членки на ЕУ, поединечно, да останат посветени на процесот и да ги охрабрат страните да го имплементираат секој постигнат договор. Јас барав во завршната фаза на овој процес директна вклученост да имаат и Соединетите Американски Држави“, нагласи Тачи.

Тој, исто така, ја истакна важната уставна улога на косовските Срби во сите процеси на Косово преку нивното учество во косовските институции. Одговарајќи на критиките на претставниците од граѓанското општество за големата улога што ја доби „Српската листа“ благодарејќи на Договорот од Брисел, Тачи рече дека улогата на српските политички претставници е одредена уште со планот на Ахтисари, според кој Косово и доби независност. Тој оцени дека српските пратеници не се пречка, туку вредност на косовското општество, нагласувајќи дека независноста на Косово е реалност, без оглед како таа се толкува во Србија.

Зборувајќи за другите приоритетни процеси, Тачи нагласи дека е потребно да се заврши процесот на демаркација на границата со Црна Гора како последен услов за визна либерализација за граѓаните на Косово. Тој исто така истакна дека мора да се интензивира кампањата меѓу сите заедници на Косово, за потребата од процесот на трансформација на Безбедносните сили на Косово во Војска на Косово, која би го отворила патот за членство на Косово во НАТО.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın