Балкан

„30-40 илјади гласачи на референдумот не можеле да го остварат своето гласачко право"

Државниот советник во канцеларијата на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, на брифингот истакна дека ДИК треба убаво да им објасни на граѓаните дека ќе бидат избришани од Избирачкиот список, ако им е завршена важноста на личната карта

Husameddin Gina  | 05.10.2018 - Обновена : 06.10.2018
„30-40 илјади гласачи на референдумот не можеле да го остварат своето гласачко право"

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Од 30 до 40 илјади гласачи на денот на референдумот на 30 септември, не можеле да го остварат своето гласачко право од различни причини, соопштија на денешниот брифинг од канцеларијата на Народниот правобранител, пренесува Anadolu Agency (AA).

Од канцеларијата на Народбниот правобранител објаснуваат дека овие лица, иако на денот на распишување на изборите имаат важечки лични карти/пасоши, или во меѓувреме ги обновиле или пак извадиле нови, од Државната изборна комисија се бришат од Единствениот избирачки список и не може да го остварат избирачкото право.

Според Канцеларијата, проблемите со Избирачкиот список и со остварувањето на избирачкото право се провлекуваат неколку изборни циклуси наназад, за што Народниот правобранител има изготвено и посебен извештај.

Од граѓаните со право на глас, дури 90 отсто кои на денот на референдумот се јавиле на бесплатниот телефонски број на Обдусманот, се жалеле дека ги нема на Избирачкиот список, и овој проблем станува системски проблем, велат од канцеларијата на Обдусманот.

Државниот советник во канцеларијата на Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, на брифингот истакна дека ДИК треба убаво да им објасни на граѓаните дека ќе бидат избришани од избирачкиот список, ако им е завршена важноста на личната карта.

„Одговорот на ДИК, и од претходниот состав и од сегашниот е дека не дошле на јавниот увид, затоа јас уште еднаш ќе повторам, барем еве за наредните избори, убаво нека им кажат на граѓаните дека ќе бидат избришани од Избирачкиот список, ако им е завршена важноста на личната карта, а тоа им е и законска обврска“, рече Билбиловски.

Тој, исто така даде примери од последниот референдум.

„На референдумот ни се јавија од Битолско и Демирхисарско, ни кажаа дека цел старски дом и болница, значи преку 100 лица не успеале да гласаат“, изјави Билбиловски.

Имајќи ја предвид таквата состојба, Народниот правобранител до Владата ги дава следните препораки: Да се изврши измена и дополнување на Изборниот законик, со цел Министерството за внатрешни работи до ДИК да доставува извештај по заклучувањето на Избирачкиот список, со податоци за бројот на обновени или целосно нови лични карти на лица кои во меѓувреме станале полнолетни.

Потсетуваме, за Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција кој предвидува промена на името во „Република Северна Македонија“, во Македонија на 30 септември се одржа референдум на кој беше поставено прашањето: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“

Излезноста на гласачите изнесуваше 36,91 отсто. Од гласачите што излегоа на гласање, 91,46 отсто го дадоа својот глас „за“, додека 5,65 отсто беа „против“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.