Во Египет продолжува традицијата на рачно изработување килими, стара стотици години
- Домаќинките, кои добиваат обука за ткаење килими во различни градови во Египет, придонесуваат за семејниот буџет работејќи на традиционални ткајачки разбои.
КАИРО (АА)
- ФЕРДИ БАЈАТ
Рачното изработување килими, што трае стотици години во Египет, кој е меѓу најстарите цивилизации во светот, продолжува и денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќинките, кои добиваат обука за ткаење килими во различни градови во Египет, придонесуваат за семејниот буџет работејќи на традиционални ткајачки разбои.
Во изјава за дописникот на АА, Муне Мухамед рече дека пред околу две години научила како да ткае килими.
Наведувајќи дека со приходите заработени од ткаењето килими го поддржува своето семејство и го подготвува својот чеиз, Мухамед рече: „Изработката на килимите може да трае со денови, понекогаш и недели, во зависност од нивниот дизајн и големина. Во просек завршувам 2-3 килими месечно.“
- „Уметноста на ткаење килими во Египет датира од пред стотици години“
Муне Мухамед, наведувајќи дека денес постојат многу фабрики за килими кои произведуваат со напредна технологија, рече дека со текот на времето се намалува бројот на килими произведени со рачна работа.
„Уметноста на ткаење килими во Египет датира од пред стотици години. Со тоа, ние всушност го одржуваме во живот наследството на ткаење килими, што ни е предадено од нашите предци“, рече Мухамед.
Нагласувајќи дека ја сака својата работа, Мухамед додаде дека поминува добро време со пријателите и дека оваа работа за голем број жени претставува извор за заработка на лебот.
- „Со ткаење килими се обидувам да ги школувам моите три деца сирачиња “
Друга жена од Египет која заработува за живот со ткаење килими е Уму Јусуф.
Уму Јусуф, мајка на три деца, рече: „Сопругот ми почина пред неколку години. Решив да се занимавам со оваа професија за да ги школувам моите три деца кои останаа сираци откако мојот сопруг почина. Не сакам да зависат од никого. Кажано накратко, со ткаењето килими се обидувам да ги школувам моите три деца сирачиња.“
Подвлекувајќи дека никогаш не ѝ здодеало да ткае килими, Уму Јусуф рече дека би сакала да отвори центар за ткаење килими во нејзиното село, ако е можно, за да младите го научат овој занает.
Посочувајќи дека оваа професија ја гледа како многу добар извор на егзистенција, Уму Јусуф додаде дека нејзините деца сакале да работат за да ја издржуваат, но таа ја одбила оваа понуда за да можат да го завршат своето образование.
- Египетските килими на меѓународниот пазар се натпреваруваат со Индија и Иран
Енвер Ебу Зајид, менаџер на бизнисот со ткаење килими во селото Дар ес-Селам во градот Фејум, Египет, за Агенција Анадолија (AA) нагласи дека килимите ткаени во неговата земја имаат важно место на меѓународниот пазар на рачно изработени килими.
„Мислам дека рачно изработените килими произведени во Египет се конкурентни на Индија и Иран на меѓународниот пазар, особено на Иран, и во однос на цената и во однос на атрактивниот дизајн“, нагласи Зајид.
Нагласувајќи дека килимите поминуваат низ различни фази пред да ја добијат својата конечна форма, менаџерот Зајид рече дека се подготвуваат како резултат на огромен напор и тоа само рачно.
Наведувајќи дека цената по квадратен метар варира помеѓу 64-160 долари во зависност од видот и дизајнот на килимот, Зајид додаде дека организираат 4-месечен курс за изработка на килими за жените кои сакаат да работат.