свет, живот

Најстарата и најпозната продавница за чадори во Европа од 1830 година опстојува до денес

Продавницата „Џејмс Смит енд санс“, каде што многу познати политичари, британски премиери, британски министри за надворешни работи, ги купија своите чадори, е уникатна продавница, која ги носи своите клиенти во минатото со своите производи

Zuhal Demirci  | 31.03.2022 - Обновена : 02.04.2022
Најстарата и најпозната продавница за чадори во Европа од 1830 година опстојува до денес Фото: Raşid Necati Aslım/AA

ЛОНДОН (АА) ​​​​​​​- ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ -

Најстарата и најпозната продавница за чадори во Европа, „Џејмс Смит енд санс“ (James Smith and Sons) во Лондон, главниот град на Велика Британија, со својата историска викторијанска зграда се издвојува како една од знаменитостите на градот речиси 200 години, пишува Агенција Анадолија (АА).

Продавницата „Џејмс Смит енд санс“, каде што многу познати политичари, како што се поранешните британски премиери Вилијам Еварт Гладстон (1809 - 1898) и Ендрју Бонар Лоу (1858 - 1923) и Џорџ Керзон (1859 - 1925), еден од поранешните британски министри за надворешни работи, ги купија своите чадори, е уникатна продавница, која ги носи своите клиенти во минатото со своите производи и структура кои им пркосат на времето.

Во подрумските простории на продавницата која веќе пет генерации ја продолжува семејната традиција, се наоѓа работилницата во која работат 15 луѓе. Покрај скапите чадори и бастуни во различни бои и модели, прецизно рачно изработени, се изработуваат и машински производи погодни за секој буџет.

- Историја на фирмата „Џејмс Смит енд санс“ -

Џејмс Смит, кој во 1830 година ја отвори првата продавница „Џејмс Смит енд санс“ во Фубертс Плејс, во близина на улицата „Риџент“, една од познатите улици во Лондон, започнал со продажбата на чадори во предниот дел од продавницата, кои се произведувале во малата работилница сместена во задниот дел од продавницата. Се зборува дека првата продавница на Смит била толку многу тесна што внатре не можело ниту чадор да се отвори, а клиентите биле принудени да излезат надвор од продавницата за да ги отворат чадорите.

Со пронаоѓањето на лесната челична рамка за чадори од страна на англискиот индустријалец и бизнисмен Семјуел Фокс во 19 век, во Лондон е зголемен интересот за флексибилни и лесни чадори што можат лесно да се користат.

Синот на Џејмс Смит, кој почнал да ја користи лесната рамка во чадорите во своите производи, постепено го проширил бизнисот и ја преселил продавницата во поголема зграда на 53. Њу Оксфорд стрит. Продавницата за чадори „Џејмс Смит енд санс“, која продолжи со својата работа речиси 200 години, остана речиси непроменета.

- „Тука сме откако станавме иконски дел на Лондон“ -

Фил Нејсбит, менаџер на историската продавница за чадори, за дописникот на АА го раскажа процесот на основање на продавницата, интересот на клиентите и приказната за чадорите и бастуните произведени од различни материјали и начин на изработка.

Нејсбит, раскажувајќи дека историјата на продавницата датира од 1830-тите, кога компанијата „Џејмс Смит енд санс“ почнала да изработува чадори, рече дека откако започнале со производство на чадори и бастуни и станале една од иконите на Лондон, Британија, поминале речиси 200 години.

„Оваа продавница е речиси истата како онаа кога за првпат се преселиле тука. Повеќето од оригиналните карактеристики сè уште се тука. Без разлика дали во продавницата, или во работилницата во подрумските простории… Коба би се вратиле низ времето, би сфатиле дека многу малку нешта се промениле со текот на времето“, објасни Фил Нејсбит.

Раскажувајќи дека тие произведуваат широк спектар на чадори и бастуни, а цените на производите варираат во зависност од цената на ткаенината и дрвото што се користат, Нејсбит истакна: „Почнуваме со оние што се со разумни цени. Доколку бидат зафатени од дождот, туристите секогаш можат да дојдат и да купат нешто.“

Објаснувајќи дека произведуваат широк спектар на уникатни чадори и бастуни, Нејсбит продолжи со зборовите: „Ние произведуваме и сопствени и брендирани. Најевтиниот е околу 18-19 фунти, додека цената на најскапите се зголемува во зависност од вашите желби. Тука има уникатни нешта од над 1.000 фунти.“

- „Неодамна имавме неколку посетители од Турција“ -

Нејсбит рече дека многу клиенти и од Лондон и од светот ја посетиле оваа историска продавница во центарот на градот и купиле чадори и стапчиња кои им одговараат на нивниот вкус, додавајќи дека неодамна имале и неколку посетители од Турција.

Нејсбит продолжи со зборовите:

„Имавме купец кој сакаше да купи чадор како роденденски подарок и да го испрати во Турција, а за нас претставуваше големо задоволство да го доставиме подарокот. Разговаравме со него за да се увериме дали чадорот стасал навреме и бевме информирани дека е многу задоволен од чадорот. Да, и Турција е еден од нашите клиенти.“

Зборувајќи дека во минатото во продавницата имало потковица обесена на таванот, Фил Нејсбит раскажа приказна, според која, во минатото, поради верувањето дека отворање чадор во затворен простор носи несреќа, на клиентите не им било дозволено да ги отворат чадорите во продавницата.

„Да (покажувајќи кон таванот на продавницата), потковицата е токму таму. Џиновската потковица значи дека сте заштитени. Стара е приказната дека продавачот на чадори им кажува на клиентите дека не можат да отворат чадор внатре бидејќи тоа носи лоша среќа. Она што тие навистина го сакале е чадорот да го оставите преклопен, за да остане влажен, бидејќи на тој начин ќе се расипе и ќе се вратите да купите нов чадор“, раскажа Нејсбит.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.