свет, живот

Нигериски средношколец разви сензорски очила за слепи и лица со слаб вид

Сензорите на очилата детектираат предмети и го предупредуваат оној што ги носи, изјави Амину, младиот иноватор од северот на Нигерија

Adam Abu-bashal  | 04.07.2024 - Обновена : 07.07.2024
Нигериски средношколец разви сензорски очила за слепи и лица со слаб вид Фото: Zulyadain Isa Bello/AA

КАНО (АА) - АДАМ АБУ БАШАЛ -

Калифа Амину, 17-годишно момче кое живее во државата Кано во северна Нигерија, разви сензорски очила кои ќе им помогнат на слепите и на лицата со слаб вид да се движат самостојно, пишува Анадолу.

Овој нигериски средношколец веќе две години работи на прототип на очила чии сензори можат да им помогнат на лицата со оштетен вид да се движат полесно и побезбедно.

Очилата се состојат од ултразвучни и инфрацрвени сензори кои брзо детектираат објекти кои се приближуваат или се наоѓаат пред лицето и го активираат системот за предупредување.

Тинејџерот ентузијаст Амину во интервју за Анадолу истакна дека на идејата за сензорски очила дошол од филантропски причини, имајќи предвид дека живее во населба која локално е позната како „населба на слепите“, бидејќи голем дел од луѓето што живеат таму се лица со оштетен вид.

„Ги гледав како се мачат при движењето со бел стап. Ги има многу во моето маало. Посакував некако да им помогнам. Тие не можат да излезат од дома без помош од други луѓе и тешко им е. Со моите сензорски очила, ќе можат самостојно да излезат од дома и да се движат“, рече Амину.

Изработените очила се лесни и многу едноставни за употреба.

„Многу едноставно, сензорите на очилата детектираат предмети и го предупредуваат носителот“, вели 17-годишниот Амину.

Амину вложил две години труд во овој иновативен проект, а паралелно со тоа морал и да работи за да ги заработи парите со кои ја купувал потребната опрема.

Убеден дека неговите очила можат да им го олеснат животот на слепите и лицата со слаб вид, Амину рече дека се надева оти наскоро ќе бидат во масовно производство и ќе им бидат достапни на луѓето на кои им се потребни.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.