спорт, живот

Палестинскиот бодибилдер Дувејкат тренира во деветтата деценија од животот: „Духот не старее“

Дувејкат, кој живее во Наблус на северниот дел на Западниот Брег, се чувствува како да има најмногу 35-40 години, благодарение на бодибилдингот со кој се занимава од 2005 година, по пензионирањето

Mehmet Nuri Uçar, Safiye Karabacak, Qais Omar Darwesh Omar  | 19.02.2023 - Обновена : 20.02.2023
Палестинскиот бодибилдер Дувејкат тренира во деветтата деценија од животот: „Духот не старее“ Фото: Issam Rimawi/AA

НАБЛУС (АА) – КАЈС ЕБУ СЕМРА -

Осумдесет и едногодишниот Палестинец Беди Дувејкат, кој се занимава со бодибилдинг на окупираниот Западен Брег, изненадува со својот здрав изглед и покрај поодминатите години, пишува Анадолу.

Дувејкат, кој живее во Наблус на северниот дел на Западниот Брег, се чувствува како да има најмногу 35-40 години, благодарение на бодибилдингот со кој се занимава од 2005 година, по пензионирањето.

Тој раскажа дека секојдневно тренира и до два часа. Овој 81-годишник порача дека неговиот дух не старее.

„Во здраво тело има здрав дух. Човек кој се занимава со спорт станува психички поздрав. Спортот е навистина неопходен. Спортот е основен метод за лекување на некои лоши навики, особено затоа што ги одвраќа младите од пушење и го штити телото од многу болести“, рече Дувејкат.

Неговата страст за спортот датира од неговото детство.

„Се занимавам со многу спортови од мојата 12-та година, како одбојка, пинг-понг и бокс. Сепак, нашите приоритети се променија откако Израел го окупира Западниот Брег во 1967 година“, рече Дувејкат.

Две години беше во административен притвор во израелските затвори, а потоа е депортиран во Јордан во 1970 година.

Дувејкат рече дека се вратил на Западниот Брег во 1999 година.

„Откако отидов во пензија, имав многу слободно време. Еден ден видов опрема за вежбање кај еден пријател. Тогаш почнав да тренирам. По тој ден решив да се вратам на мојата страст од детството и редовно спортувам секој ден од 2005 година“, рече Дувејкат.

Порача дека се чувствува подобро и дека го чува своето здравје и тело спортувајќи секој ден.

„Гледам луѓе помлади од мене со разни болести како да имаат 100 години. Некои од нив одат со патерици. Затоа на луѓето од сите возрасти им го препорачувам спортувањето“, порача Дувејкат.

Како што рече, благодарение на спортот со кој се занимава има тело на лице од 35-40 години.

Наведе и дека води сметка и за исхраната.

„Она што е најдобро е тоа што моето тело не е опуштено во овие години“, ​​рече Дувејкат.

„Здравјето е дар од Алах и наша должност е да го чуваме. Многумина ме критикуваат што се занимавам со бодибилдинг на овие години. Некои велат дека тоа може да предизвика слабост во моето тело и дека треба да одам на лекар, но тие се неуки“, истакна Дувејкат.

Нагласи дека многу луѓе на негова возраст имаат Алцхајмерова болест.

„За среќа, сè уште сум здрав, и физички и психички“, додаде Дувејкат.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.