Рибарите од Газа соочени со зголемена опасност и глад поради израелската блокада и нападите
- Во екот на израелските воени операции низ Појасот Газа, палестинските рибари во градот Газа се борат да преживеат поради зголемените ограничувања, влошените услови на морето и постојаната закана од смртоносни напади

ГАЗА (АА) - Во екот на израелските воени операции низ Појасот Газа, палестинските рибари во градот Газа се борат да преживеат поради зголемените ограничувања, влошените услови на морето и постојаната закана од смртоносни напади, јавува Анадолу.
Во крајбрежната енклава, каде што израелските воздушни напади и копнената и поморската блокада го блокираа секојдневниот живот, рибарите секојдневно ги фрлаат своите мрежи во морето, и покрај ризиците по животот.
„Се обидуваме да го сочуваме нашето достоинство, но секој ден некој чамец се враќа оштетен“, изјави рибарот Камал Шараф ал-Шариф за Анадолу.
„Животот сега е ужасно тежок. Денес морето е бурно, тунелите се затворени. Нема работа, нема живот – само морето, а тоа е полно со опасности.“
Тој додава дека рибарите се редовно цел на израелските сили.
„Од Рафа до Беит Ханун, тие се нападнати од Израелци. Во сите морски области – Деир ел-Балах, Рафа, Кан Јунис, пристаништето... каде и да има море, ние сме цел на окупацијата“, рече тој.
„Умираме од глад. Не сакаме војни. Од 5 часот сум тука, немам направено ни 80 шекели. Имам 18 луѓе да хранам.“
Друг рибар, Мохамад Нашат Бакир, ја опиша опасноста уште подетално: „На само три или четири метри од брегот, нѐ напаѓаат вооружени чамци и патроли. Пукаат накај нас, фрлаат бомби – не можеме ниту да ловиме, ниту слободно да се движиме. Исцрпени сме, се бориме за ништо.“
Бакир го истакна и влошувањето на хуманитарната криза: „Преживуваме во незамисливи услови. Границите се затворени, нема храна, нема риба, а морето ни е забрането. Животот овде е целосно запрен.“
„Испраќам порака до целиот свет: Ве молам, решете ги нашите проблеми. Исцрпени сме. Доста ни е. Не можеме повеќе. Ве молам, свету – помогнете ни. Се гушиме. Умираме. Секој ден умираме по илјада пати. Секој ден страдаме“, додаде тој.
Од 2 март, Израел ги затвори сите премини кон Газа, спречувајќи го пристигнувањето на основни намирници, и покрај бројните извештаи за глад во територијата разурната од војна.
Израелската Армија ја обнови офанзивата врз Газа на 18 март, и покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници постигнат на 19 јануари.
Од октомври 2023 година досега, Израел уби над 51.200 Палестинци во Газа, најголем дел од нив жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел исто така се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.