живот

Техниката на бојадисување на ткаенината стара шест века во Нигерија е во опасност од исчезнување

„Атрактивноста на ткаенините во голема мера се должи на локалните и природните материјали што се користат за боење.“

Adam Abu-bashal  | 16.06.2022 - Обновена : 17.06.2022
Техниката на бојадисување на ткаенината стара шест века во Нигерија е во опасност од исчезнување Фото: Adam Abu-bashal/AA

АБУЏА (АА) - АДАМ АБУ БАШАЛ -

Техниката на бојадисување, која за боење на ткаенините произведени во Нигерија се користи веќе шест века, е во опасност од исчезнување, пишува Агенција Анадолија (АА).

Државите на северот на земјата, како што се Кано, Кадуна и Катсина, се дом на бунари за бојадисување на домашните ткаенини со различни нијанси на сино, со помош на стари традиционални техники.

Со традиционалниот метод, кој не е променет со години, бојата добиена од дрвото индиго се остава неколку месеци да ферментира во старите бунари, а претходно со додаваат пепел и некои додатоци.

Подготвените ткаенини на крајот се омекнуваат со удирање со дрвени чекани, ткаенината со тоа по перењето се исправа сама и нема потреба од пеглање.

Небесно сините ткаенини, кои ги содржат сите нијанси на сино, се продаваат во Африка и на Блискиот Исток.

Традицијата, која некои нигериски занаетчии се обидуваат да ја продолжат, е во опасност од исчезнување поради фабричките производи и евтината кинеска стока.

- Се користат локални и природни материјали -

Абубакар Хамису Бабалија, кој работи во бунари за боја во Кофар Мата во нигериската држава Кано, во разговорот со Агенција Анадолија (АА) се осврна на бунарите за боење на ткаенини.

Наведувајќи дека Кано е еден од најважните трговски центри во Западна Африка, Бабалија рече дека секој трговец во регионот сака да тргува во овој регион.

Тој раскажа дека првиот бунар за бојадисување во Кано бил основана од трговец од Катсина во 1498 година, и рече: „Процесот на бојадисување на ткаенината во регионот започнал со еден бунар, со текот на времето бројот на бунари се зголемил. Многу години, овие бунари беа извор на егзистенција за локалното население.“

Наведувајќи дека уникатните дизајни на ткаенините се создаваат од жените кои дома материјалот го извртуваат и врзуваат на различни начини, Бабалија рече дека врзаните ткаенини потоа се носат на бојадисување.

Бабалија, посочувајќи дека овие ткаенини луѓето ги користат долго време без да се оштетат, рече: „Атрактивноста на ткаенините во голема мера се должи на локалните и природните материјали што се користат за боење.“

- „Младите сега претпочитаат готови ткаенини“ -

Традицијата за боење на ткаенините е во опасност да исчезне како што поминува времето, бидејќи младите претпочитаат готова облека и ткаенини.

Некои традиционални нигериски производители велат дека со влезот на кинеската стока на пазарите, неквалитетните производи се продаваат по ниски цени. А тоа фрла сенка врз нивниот вложен труд.

Нагласувајќи дека луѓето порано покажувале голем интерес за нивните ткаенини, Бабалија рече: „Овде има 144 бунари за бојадисување, но активно користиме само 20 бунари поради намалената работа.“

Потенцирајќи дека младите повеќе не ја претпочитаат оваа професија, Бабалија додаде дека повеќето луѓе претпочитаат готови ткаенини наместо бојадисани.

Меѓу другото, Бабалија посочи дека порано во земјата доаѓале голем број посетители од странство, но од неодамна странските посетители не можат да доаѓаат поради зголемените безбедносни проблеми во земјава.

Подвлекувајќи дека историските традиции за боење ткаенини треба да се зачуваат, Бабалија нагласи: „Доколку Владата продолжи да нѐ поддржува и ги купува нашите производи и ги охрабрува луѓето да работат, оваа професија и култура ќе продолжат да опстојуваат.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.