Агенциите на ЕУ препорачаа укинување на обврската за носење маски во авионите
Агенцијата за воздухопловна безбедност на ЕУ (EASA) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) ги ажурираа своите безбедносни мерки поврзани со здравјето при воздушниот сообраќај.
БРИСЕЛ (АА) - Воздухопловните и здравствените институции на Европската Унија (ЕУ) препорачаа од 16 мај да се укине условот за носење маски што се применува против пандемијата на Ковид-19 во авионите и аеродромите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Агенцијата за воздухопловна безбедност на ЕУ (EASA) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) ги ажурираа своите безбедносни мерки поврзани со здравјето при воздушниот сообраќај.
Во заедничкото соопштение на двете институции се препорачува укинување на практиката за барање да се носат медицински маски на аеродромите и во авионите.
„Од следната недела, маските за лице нема да бидат задолжителни за воздушниот сообраќај, во согласност со промената на барањата наметнати од националните власти за јавниот превоз низ Европа“, рече директорот на ЕАСА, Патрик Ky.
Барајќи патниците да се однесуваат одговорно, Ky рече дека е важно луѓето кои се чувствуваат лошо, киваат или кашлаат, да носат маска, имајќи го предвид здравјето на другите патници.
Правилата за носење маска ќе може да варираат и во зависност од правилата на авиокомпаниите.
На пример, на летови до место каде што се потребни маски во јавниот превоз, авиокомпанијата ќе може да побара носење маски.
Маски ќе треба да носат и патници со слаб имунолошки систем или некои хронични заболувања.
На аеродромите од патниците ќе се бара да ги почитуваат правилата за физичко растојание и хигиена.
Во голем дел европски земји, мерките преземени во рамките на Ковид-19 во последните месеци постепено се укинуваат.
Mногу европски земји како што се Велика Британија, Холандија и Данска, речиси и да немаат мерки за заштита од Ковид-19.
Во некои земји продолжуваат неколку практики како што е обврската за носење маска во јавниот превоз.