САД: ФДА ја одобри употребата на вакцината против Ковид-19 „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години
Американската агенција за храна и лекови препорача помали дози за деца, а конечната одлука за одобрение ќе ја донесе Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ)
ВАШИНГТОН (АА) - Агенцијата за храна и лекови на Соединетите Американски Држави (ФДА) даде зелено светло за примена на вакцината против Ковид-19 на компанијата „Фајзер-БајоНТех“ за деца на возраст од 5 до 11 години, а конечната одлука за тоа ќе ја донесе американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), јавува Агенција Анадолија (АА).
ФДА во одобрението за итна употреба на вакцината „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години препорача помали дози од оние што се даваат на возрасните и на тинејџерите. Дозата што е одобрена за децата од страна на ФДА е една третина од онаа што се дава на другите старосни групи.
Американските здравствени институции порано соопштија дека вакцината против Ковид-19 на компанијата „Фајзер-БајоНТех“ се покажала како 90,7 проценти ефикасна во превенција на Ковид-19 кај децата. Во студијата, што опфати повеќе од 4.600 деца, не е пронајдена ниту една сериозна нуспојава.
„Како мајка и како лекар знам дека родителите, старателите, школскиот персонал и децата го чекаат денешното одобрение. Вакцинацијата на помалите деца против Ковид-19 ќе нè приближи до враќање на чувството на нормалноста“, рече челничката на ФДА, Џенет Вудкок.
Кажа дека оваа сеопфатна и ригорозна проценка на податоците што се однесуваат на сигурност и ефективност на вакцината би требало да им помогне на родителите и старателите да се уверат дека вакцината исполнува високи стандарди.
„ФДА е посветена на донесување одлуки што се водени според науката во кои јавноста и здравствената заедница можат да веруваат. Уверени сме во сигурноста, ефикасноста и производните податоци кои стојат зад оваа авторизација“, рече Петар Маркс, директор на Центарот за проценка и истражување на биолошки супстанции на ФДА.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ќе го има конечниот збор за тоа дали вакцината „Фајзер-БајоНТех“ ќе добие конечно одобрување за деца. Советодавниот комитет на институцијата ќе се состане следната недела да ја разгледа одлуката што ја донесе Агенцијата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.