Франција суспендира 3.000 невакцинирани здравствени работници
„Десетици вработени поднесоа оставки поради задолжителната потреба да се вакцинираат“
ПАРИЗ (АА) - Со стапување на одлуката за задолжителна вакцинација во Франција суспендирани се 3.000 здравствени работници кои не се вакцинирани против Ковид-19, изјави денеска францускиот министер за здравство, Оливиер Веран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вчера, околу 3.000 суспензии беа доделени на персоналот во здравствените и социјалните установи кои сѐ уште не се вакцинирале“, изјави Веран за радиото РТЛ.
„Десетици вработени исто така поднесоа оставки поради задолжителната потреба да се вакцинираат“, додаде тој.
Оваа одлука влијае на околу 2,7 милиони луѓе во здравствените професии низ цела Франција.
Задолжителното вакцинирање за првпат го соопшти претседателот Емануел Макрон во телевизиско обраќање на 12 јули, со краен рок до 15 септември да се вакцинираат сите медицински сестри, лекари, приватни негуватели и оние во домови за нега, пожарникари, болничари, персонал во Брза помош и припадници на жандармеријата.
Здравствените работници се принудени со ова да презентираат целосен распоред за вакцинација против Ковид-19, доказ за прием на првата доза од вакцините и негативен скрининг-тест спроведен во последните 72 часа.
Министерството за здравство проценува дека 12 отсто од персоналот во болницата и 6 отсто од лекарите во приватна практика допрва треба да се вакцинираат. Се вели дека над 88 отсто од негувателите во болниците и домовите за нега примиле барем една доза, со можност од најмалку 94 отсто во некои области.
Задолжителната здравствена пропусница - доказ за вакцинација или негативен тест - првпат стапи на сила на 9 август.
Пропусницата е задолжителна за влез во сите јавни места - ресторани, барови, кафулиња, кина и концертни сали, но тоа е предмет на оспорување, поради што се одржуваат протести секоја сабота низ Франција во текот на изминатите осум недели.
Најмалку 42,9 милиони луѓе, или 63,9 отсто од француското население е целосно вакцинирано. Речиси 7 милиони случаи на Ковид-19 и 115.829 смртни случаи се регистрирани во Франција од почетокот на пандемијата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.