„Невакцинираните отвораат пат за мутации на Ковид-19“
„Секоја мутација значи различен вирус од вирусот за кој е подготвена вакцината. Затоа, сѐ додека има невакцинирана популација, таа ќе овозможува нови мутации и ќе ја доведува во опасност безбедноста на вакцинираните.“
АНКАРА (АА) - БУРЏУ ЧАЛИК -
Д-р Азиз Ахмет Сурел, главен лекар и координатор на Градската болница во Анкара, истакна дека мутациите на Ковид-19 забрзано продолжуваат поради невакцинирани единки и предупреди: „Секоја мутација значи поинаков вирус од вирусот за кој е подготвена вакцината. Затоа, сѐ додека има невакцинирана популација, тоа ќе го отвора патот за нови мутации и ќе ја доведува во опасност безбедноста на оние кои се вакцинирани.“
Д-р Сурел за Агенција Анадолија (АА) говореше за стапката на вакцинација со втора доза против Ковид-19 и бројката на заразени со коронавирусот во Турција.
Нагласувајќи дека во моментов, зголемената бројка на новозаразени со Ковид-19 не предизвикува никакви проблеми и нарушување на здравствените услуги во земјата, д-р Сурел посочи дека одвреме-навреме, кога доаѓа до зголемување на бројката на новозаразени во земјите, приближувајќи се до граници што прават притисок врз капацитетот на здравствените услуги, на дневен ред доаѓаат мерки за „затворање“.
Тој посочи дека во Турција ниту еден пациент не е вратен од болниците во рамките на борбата со епидемијата и дека рутинските здравствени услуги продолжуваат дури и во период кога болниците главно се исполнети со заразени со Ковид-19. „Се трудиме во земјата да не дојде до нарушување на здравствените услуги за нашите граѓани на кои им се потребни рутински здравствени услуги. За среќа, во моментов не постојат ситуации што би ги нарушиле нашите рутински здравствени услуги. Мораме да се обидеме да го задржиме бројот на новозаразени на најниско можно ниво за да не дојде до такво нешто“, истакна д-р Сурел.
- Мутациите го попречуваат формирањето на колективен имунитет -
Потсетувајќи дека од 84 милиони жители на Турција, стапката на оние кои примиле две дози вакцина против Ковид-19 надминува 50 проценти, д-р Сурел, на прашањето кога може да се стекне колективен имунитет против Ковид-19 во Турција, одговори:
„Теоретски, кога збирот на оние кои ја имаат прележано болеста и вакцинирани надминува 50 %, тогаш влијанието од пандемијата треба да почне да се намалува. Ова се класични информации што ги знаеме за епидемиите, но пандемијата на Ковид-19 нѐ учи на нови работи, и мутациите продолжуваат забрзано поради невакцинираните лица. Секоја мутација значи различен вирус од вирусот за кој е подготвена вакцината. Затоа, сѐ додека има невакцинирана популација, таа ќе овозможува нови мутации и ќе ја доведува во опасност безбедноста на вакцинираните. Затоа, колку поскоро ќе постигнеме висока стапка на вакцинација со втора доза, толку поскоро ќе имаме безбедна средина.“
Д-р Сурел нагласи дека за колективен имунитет многу е важно да се подигне свеста и да се игнорираат ненаучните изјави. „Посакувам што е можно поскоро да обезбедиме колективен имунитет благодарение на вакцинација со втора доза“, додаде д-р Сурел.