култура и уметност

Атиџе од „Медена земја“: „Ако немаме пчели, ќе немаме ниту здравје“

Во разговор за Агенција Анадолија (АА), главната протагонистка на документарецот „Медена земја“, Атиџе, раскажува како се снимал филмот, за нејзината љубов кон пчелите и природата, за нејзиниот тежок живот, но и за перспективите...

Admir Fazlagic  | 22.01.2020 - Обновена : 27.01.2020
Атиџе од „Медена земја“: „Ако немаме пчели, ќе немаме ниту здравје“ Фото: Umeys Sulejman/AA

ШТИП (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Селото Бекирлија кое се наоѓа во централниот дел на Северна Македонија, не е само центар во географска смисла. Ова село го зазеде централното место во светски рамки кога се работи за филмската уметност и документарниот филм, откако во оваа недопрена природа беше снимен документарниот филм „Медена земја“ („Honeyland“), кој на филмското платно ја прикажува реалната приказна за последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, Атиџе Муратова.

Документарниот филм „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, преку несекојдневната животна приказна на Атиџе ја пренесува пораката на жената која живее во симбиоза со природата.

Атиџе моментално престојува во селото Дорфулија во општина Лозово накај Штип, место кое од нејзиното родно село Бекирлија е оддалечено околу 18 километри. Во ова место, со помош на нејзините пријатели со кои го снимала документарецот, успеала да дојде до куќа за која верува дека животот во иднина ќе ѝ го измени кон подобро.

Во разговор за Агенција Анадолија (АА), главната протагонистка на документарецот „Медена земја“, Атиџе, раскажува како се снимал филмот, за нејзината љубов кон пчелите и природата, за нејзиниот тежок живот, но и за перспективите кои се отворија откако јавноста дозна за неа.

Како што раскажа Атиџе, екипата од „Медена земја“ пред повеќе од три години, ја пронашла во селото Бекирлија, во кое има само неколку жители – Атиџе, тогаш живеела со нејзината мајка, и уште едно семејство, кои биле нивни соседи. Режисерите, барајќи ја Атиџе, го нашле нејзиниот брат во соседното место, кој ги однел кај неа.

Бил трет ден од муслиманскиот празник Бајрам, раскажува Атиџе, а таа била тажна поради нејзината тешка животна ситуација и поради влошеното здравје на нејзината мајка, но кога на нејзината врата тропнале за неа тогаш непознати луѓе, се израдувала и така полека почнала да се крои приказната за „Медена земја“.

„Ми беше и страв и срам, не знам како да објаснам, и во првите два месеца ми беше тешко“, вели Атиџе, објаснувајќи за почетоците на снимањето на документарецот. Додава дека по одредено време се навикнала на камерите, а како што поминувало времето, чувствувала дека филмот ќе успее, но не и дека ќе постигне толку голем успех.

За нејзината љубов кон пчелите и медот вели дека датира уште кога била дете и го пробала вкусот на медот, но поради тешката материјална состојба семејството не било во можност редовно да купува мед.

„Еден стар човек ќе ни дадеше малку мед и добро ни беше кога го јадевме. Мојот татко купи едно кило мед, а ние, тројца браќа и една сестра ...“, раскажува Атиџе, додавајќи дека еден од нејзините браќа постојано прашувал како да научат да прават мед, а таа уверливо говорела: „Ќе научиме. И ние ќе правиме како другите и ќе научиме.“ Во прво време со пчелите било тешко, раскажува таа. Пчелите ја касале, но со текот на времето научила како да се однесува во нивна близина.

„Потоа продолживме, меракот остана, ама фала Богу, од пчелата медена земја добивме, и куќа добивме и големи пофалби добивме за нашата Македонија“, истакнува Атиџе.

Во разговорот Атиџе открива и како научила за правилото „половина мед за пчелата – половина мед за мене“, истакнувајќи дека и на пчелата ѝ е потребен медот за да може да опстане и повторно да даде мед.

„Затоа треба половина за тебе – половина за мене... Повеќе на пчелите да им се остава. Ако нема пчели, од каде мед? На целиот свет му требаат пчели. Ако немаме пчели, ќе немаме ниту здравје“, порачува Атиџе, и раскажува дека сите што ја познаваат, позитивно реагирале по снимањето на документарецот.

По смртта на нејзината мајка, во куќата во селото Бекирлија продолжила да живее сама. Тоа е село во кое освен Атиџе, живее само уште едно семејство. Говорејќи за нејзиниот живот вели дека станува рано, нема струја и живее во тешки услови.

Смртта на нејзината мајка, за што постои и сцена во документарецот, вели дека ѝ паднала тешко, но задоволна е што таа живеела со неа и што и во последните мигови од нејзиниот живот била со неа.

Животот на Атиџе по снимањето на „Медена земја“ сега се менува во позитивна насока. Од Општина Лозово, во чии рамки е и нејзиното село, ѝ ветиле вработување напролет, а животот ќе го продолжи во селото Дорфулија каде што ја опремува куќата во која ќе живее. Вели дека од медот може само да опстане, но не и да заработува многу.

Во разговор за АА таа истакна дека благодарение на документарецот отпатувала во странски земји и за првпат патувала со авион. Кога отпатувала за Швајцарија, Атиџе вели дека ги заборавила сите таги. 

„Потоа за Сараево, и таму ми беше убаво, сѐ со благи работи... Многу добро ме пречекаа и ми се допадна многу Мостар“, раскажува Атиџе.

Додава дека била и во Турција, каде што има многу роднини.

За крајот на разговорот порачува дека нема да ги напушти пчелите и дека ќе биде со нив сѐ додека ја држат нозете, а кога нема да може да оди по нив, вели дека ќе пее.

Атиџе верува дека токму филмот „Медена земја“, кој е во трка за „Оскар“, ќе ја добие оваа престижна награда.

Таа не ја криеше својата желба за убавата народна песна и испеа неколку убави народни песни на македонски, турски, албански и босански јазик, како и песната за нејзината мајка „Чекор по чекор јас чекорам“...

- Филмот „Медена земја“ - 

Македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“) на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска успеа да добие две номинации за претстојното доделување на „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за „Оскар“.

Церемонијата на 92. доделување на највисоката филмска награда „Оскар“ ќе се одржи на 9 февруари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

Инаку, документарецот „Медена земја“ во февруари минатата година беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, при што ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција со документарци на светско ниво. На снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography).

Исто така, документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Документарецот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, а поддржан е и од Агенцијата за филм.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.