Засјае античкиот град Кибира: По два милениуми протече вода од фонтаната на „Градот на гладијаторите“
- По 9-месечна санација и соединување на фонтаната со изворот од кој се снабдувала со вода пред 2 милениуми, заживеа во величествена слика во бурдурската област Ѓолхисар
АНКАРА (АА)
„Добре дојдовте во Кибира, место во кое живеат храбри луѓе и одгледуваат брзи воени коњи“, гласи натписот што турските археолози во 2016 година го пронајдоа на плочата при ископувањата во Бурдур, област во западна Туркије, пишува Анадолу.
Откриен е еден цел град со централна фонтана, а тоа големо културно-археолошко откритие ја здогледа светлината на денот откако свежа и пивка изворска вода протече од величествената фонтана на древниот град Кибира.
По 9-месечна санација и соединување на фонтаната со изворот од кој се снабдувала со вода пред 2 милениуми, заживеа во величествена слика во бурдурската област Ѓолхисар.
Фонтаната Кибира, стара 2.000 години, изградена е за време на владеењето на Римското Царство. Градбата составена од 2 базени, скалиште и тераса, изградена е во 23 година пред нашата ера, кога градот е обновен по голем земјотрес, и функционирала 700 години. Фонтаната висока 7,5 метри и широка 15 метри, содржи столбови, а масивната структура живописно илустрира како древниот град некогаш ги задоволувал своите потреби за вода и претставува извонреден жив пример на архитектонска визуелност и естетика претставена во агора. Реставрацијата на монументалната фонтана на овој древен град откриен 2016 година, кој истата година е вметнат во листата на светско културно наследство на УНЕСКО, спроведена е со поддршка на Министерството за култура и туризам на Туркије и на областа Бурдур.
- Кибира - „Град на гладијатори“
Сместена на задната падина на Ѓолхисар, Кибира била позиционирана на простран простор. Иако значењето „Кибира“ до ден-денес не е познато, се претпоставува дека е од лувиско потекло, јазик кој на широко се говорел во западна и југозападна Анадолија, почнувајќи од доцната бронзена доба, за подоцна да премине во хеленски јазик. Кибира своевремено била планинско одморалиште, а како еден од најважните градови на римската цивилизација, воздигната е на надморска височина меѓу 1.100 и 1.300 метри. Меѓу шуми на смрека и кедар, градот бил погоден за земјоделие, сточарство, медицина и работа со железо и керамика. Се верува дека имал космополитанска структура, економија и војска, а народот зборувал четири различни јазици. Извори тврдат дека на влезот од градот се наоѓал стадион кој бил сметан за еден од највеличествените во древна Анадолија. Стадионот собирал 10.000 луѓе и бил домаќин на епски гладијаторски натпревари, благодарение на кои Кибира ја добила титулата „Град на гладијатори“. Други значајни градби во Кибира е одеонот со мозаикот на Медуза, агора изградена околу трговската улица со столбови, римската бања на античкиот град и античкиот театар, информираат од Канцеларијата за култура и туризам на Туркије.
- Втор антички град со фонтана
При ископувањата и реставрацијата на монументалната фонтана - со два базена и 192 архитектонски блока, од кои 168 се оригинални, утврдено е дека фонтаната се состои од три основни целини. Во средиштето на фонтаната издигната е округла кула со шест столбови кои ја опкружуваат. На местото каде што тече водата поставени се шест скулптури на лавови и пантери. Само две од овие статуи се откриени во текот на ископувањата. Девет оригинални скулптури се изложени во музејот во Бурдур.
Бурдур е дом на две монументални фонтани. Првата е Антониновата фонтана, стара 1.800 години, откриена во древниот град Сагаласос. Со завршувањето на реставраторските работи, Кибира е втор локалитет на кој се наоѓа функционална древна фонтана.
Опсежниот процес на реставрација го надгледуваше проф. д-р Шукру Озудогру, шеф на ископувањата, заедно со стручен тим на археолози, реставратори и архитекти.
Последните години, бројни историски артефакти се откриени и распоредени во музеите низ Туркије, каде што забрзано се работи на археолошки ископувања и истражувања. Во 2022 година, 10.500 артефакти се пронајдени во текот на 713 археолошки ископувања во Туркије, земја која е најдобро рангирана во светот по бројот на археолошки ископувања.