култура и уметност

Млад уметник од Скопје прави скулптури од старо железо: Уметноста може да ја спаси природата

Уметникот Ајваз, изработувајќи скулптури од железо создава уметност, со која го намалува отпадот од животната средина, давајќи му шанса на железото да постои во нов облик

Edıta Zekjırovıc  | 01.10.2022 - Обновена : 04.10.2022
Млад уметник од Скопје прави скулптури од старо железо: Уметноста може да ја спаси природата Фото: Edıta Zekjırovıkj/АА

СКОПЈЕ (АА) ‒ ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -

„Уметноста ќе го спаси светот“, за некого можат да бидат само празни зборови кои веќе одамна се претвориле во клише фраза, а за човекот за кого уметноста претставува начин на живот, тие се патоказ кој низ годините го следи и творејќи се обидува да докаже дека уметноста навистина ја има таа моќ.

Taков е младиот уметник од Скопје, Озбек Ајваз (23), кој, изработувајќи скулптури од железо создава дела во кои се испреплетуваат имагинацијата и уметноста, а при нивна изработка воедно го намалува отпадот кој ја загадува животната средина, давајќи му шанса на железото да постои во нов облик.

Ајваз, заедно со тимот на Агенција Анадолија (АА) замина во потрага по старо железо, потребно за изработка на неговите скулптури, притоа раскажувајќи како започнала неговата приказна.

„Последниве четири-пет години најчесто користам метал, отпадно старо железо. Дали го спасувам светот со моите скулптури? Да, затоа што рециклирам и ја чистам околината од топење на железото и правење нови плочи од фабриките, а со рециклирање се појавува и уметничкото дело“, вели Ајваз.

‒ Скулптура на „Тешкото оро“ од отпадно железо ‒

Ајваз, техниките на изработка на скулптури од железо ги усовршува во текот на своето школување во областа на уметноста, а крајот на студиите го одбележува со изработка на скулптура во надреална висина, преку која раскажува дел од својот живот.

„’Македонското срце чука во 7/8‘, ми останало тоа во памет. Бидејќи јас учев четири години во Средното уметничко училиште, насока Вајарство, потоа студирав четири години факултет, тоа се осум и некако се спои темата 7/8 со осум. Плус тешко беше да се стигне, да се заврши факултетот, бодлив беше патот... И така се одлучив да го прикажам „Тешкото“, со шест играорци, тапанџија и зурлаџија“, вели Ајваз.

‒ „Преку уметноста зборувам“ ‒

Ајваз раскажа дека изработката на скулптури од железо е тежок процес, за кој е потребна замисла, скица, пронаоѓање соодветни материјали, познавање неколку занаети, но дека најважно од сѐ е уметникот преку своите дела да комуницира со публиката, да ги пренесе своите чувства, бидејќи само така може да создаде уметност.

„Како што ја знаеме божицата на правдата, Јустиција, со покриени очи и вага за да не гледа на кого како му суди како симбол за правда, се инспирирав од неа и ја направив на ироничен начин со искривена вага и откриено око бидејќи јас имав неправди. На најироничен начин како што можев да ја направам, ја направив“, раскажа Ајваз.

Можноста да постои и да биде презентирана во разни облици е исклучителната карактеристика на уметноста, преку која таа секогаш го пронаоѓа патот до своите љубители, а младите уметници како Ајваз продолжуваат со својата мисија во создавање нови искуства, придонесувајќи за доброто на општеството.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.