Посетителите патуваат по трагите на историјата на Мардин, поетскиот град во југоисточна Туркије
„Кога посетителите ќе дојдат во Мардин, не можат да си заминат...ова е град во кој живееле десетици цивилизации.“

МАРДИН (АА) - АИШЕ ХУМЕЈРА АКЃУН -
Мардин, место домаќин на многу цивилизации низ историјата, ги чека патниците со својата единствена архитектура, богатото културно наследство и импресивни природни убавини, пишува Анадолу.
Мардин, поставен врз плодно земјиште наводнувано од реките Тигар и Еуфрат, бил честа дестинација за различни култури и верувања и важен центар населуван од луѓето уште од древно време.
Додека градот на патот на свилата привлекува внимание со своите архитектонски, етнографски, археолошки, историски и визуелни вредности, во исто време тој е град богат со џамии, гробници, цркви, манастири и слични верски објекти со богата историска вредност.
- Историските куќи на Мардин -
Градот во кој се наоѓаат интересни населби кои се истакнуваат со уникатната архитектонска традиција која продолжува и денес, се наоѓа во вулкански регион. Од тој аспект историските камени куќи на Мардин се издигнуваат една врз друга во форма на тераси од подножјето на калето на Мардин до врвот на јужната падина на ридот.
Ниту една од овие куќи во Мардин не фрла сенка врз другата. Тесните улички, распоредени наспроти сончевите зраци, ги штитат луѓето од горештините со тоа што остануваат под сенка за време на жешкото лето, во зависност од климатските услови. Камењата што се користат во овие куќи стануваат поцврсти на топло и студено време. Поради специфичноста на камењата, куќите се ладни во лето, а топли во зима.
Овие ѕидани куќи кои се идентификуваат со градот, имаат привилегирано место во анадолската станбена архитектура, благодарение на нивните плански карактеристики, материјали и украси.
- „Мардин е еден од 3-те градови во светот кој е целосно урбано заштитено подрачје“ -
Раководителот на ископувањата на музејот во Мардин, археологот д-р Деврим Хасан Ментеше, за АА изјави дека Мардин отсекогаш ги привлекувал луѓето бидејќи е град со многу посебни артефакти - од палеолитскиот период (стара камена доба) до Османлиската Империја.
Д-р Ментеше рече дека Мардин е многу посебен град во кој се соединуваат јазиците и религиите и додаде:
„Фактот што градот е изграден на планина, на патот на свилата, е еден од најважните показатели за тоа. Кога ќе ја погледнеме историјата на Мардин, гледате дека тој е многу посебно место, и комерцијално и земјоделски, од минатото до денес. Тој е град кој контролира многу плодни рамнини“.
Нагласувајќи дека Мардин претставува музеј на отворено, д-р Ментеше рече:
„Кога посетителите ќе дојдат во Мардин, не можат да си заминат. Луѓе доаѓаат од цела Туркије, од околните области и различни подрачја. Има голем број посетители и од странство. Мислам дека во градот доаѓаат повеќе од 4 милиони посетители годишно. Оваа бројка е многу важна за сите во Мардин. Исто така е важно да се зачува неговата визуелност. Тој е еден од трите градови во светот, кои се со целосно заштитена урбана област. Како археолог, можам да кажам дека нашите ископувања покажуваат дека ова е град во кој живееле десетици цивилизации. Тоа можеме да го видиме. Ова, исто така, го привлекува вниманието на луѓето.“
- Во Мардин забрзано продолжуваат археолошките студии -
Деврим Хасан Ментеше истакна дека Мардин ја има карактеристиката на граничен пункт затоа што е град изграден на врвот на заштитена планина и рече: „Кога ќе го погледнеме особено римскиот период, најголемиот граничен пункт е античкиот град Дара (Анастасиополис). Тој е еден од центрите на средба на двете големи суперсили, Персијците и Римјаните. Тоа е област каде што се водат големи војни. Кога ќе ги погледнеме неговите структури, античкиот град Дара нуди одлична визуелна гозба како музеј на отворено. Тоа е град кој доби големо значење со својата некропола.“
Тој истакна дека местото Бончуклу Тарла е една од најстарите неолитски населби, а Ѓобеклитепе пак претставува современа населба.
„Ова место е вклучено во проектот 'Наследство за иднината' и ископувањата на тој простор продолжуваат. Има и студии за тој локалитет спроведени од нашите професори од Универзитетот 'Артуклу' во Мардин. Тие ископуваат многу стари палеолитски пештери, првенствено тепето Богазије. Тие се многу популарни места. Ископувањата датираат од 300 до 1000 г. пр. н. е.“, истакна д-р Ментеше и додаде:
„За време на ископувањата во Богазије пронајдени се урнатини од многу важна палата. Станува збор за населба, една од најголемите, не само во регионот, туку можеби и во Туркије. Работата продолжува со ископи на тврдината Рабат.“
Ископувањата се спроведуваат и на тврдината Мардин, кои со време се прошируваат.
- „Почнаа да доаѓаат многу туристи од Јужна Кореја, Велика Британија, Франција и Јапонија“ -
Археологот Ментеше рече дека Мардин го привлекува вниманието на туристите благодарение и на својата гастрономија и додаде:
„На Универзитетот 'Артуклу' во Мардин е отворена Катедрата за гастрономија. Професори имаат истражувања за културата на храната. Од неодамна и музичката култура на Мардин почна да доаѓа до израз. Шанлиурфа има ноќи на музика и јадење.“
Тој истакна дека и во Мардин се организираат ноќи во кои музиката и храната се примарни и додаде дека културата на храната го привлекува вниманието.
Ментеше рече дека Мардин е природно филмско плато и додаде дека во последно време градот го привлекува вниманието на продуцентите на филмови и ТВ-серии, што придонесува на подобар начин да се презентираат културата и богатството на градот.
Раскажувајќи дека во Мардин дошол заради проект, Ментеше рече дека продолжил да живее во овој град 14 години воодушевен од него.
„Напорите на туристичките работници сега вродуваат со плод. Кога дојдов, бројот на туристи беше многу мал. Неодамна, особено се зголеми интересот на странските посетители за Мардин. Многу туристи доаѓаат од Јужна Кореја, Велика Британија, Франција и Јапонија“, рече Ментеше.
- Важни историски градби на Мардин -
Црквата „Мор Бехнам“ од 6 век, изградена во име на Мор Бехнам и нејзината сестра Сара, е асириска црква позната и како „Црквата на четириесеттите“. Откако Мардин станал асирски антички патријаршиски центар во 1293 година, духовните и административните работи на луѓето биле управувани од оваа црква. Се наведува дека образованието и обуката продолжиле во црквата до 1928 година.
Манастирот „Мор Гаврил“, еден од најстарите манастири на Асирската православна црква во Мидјат, сè уште активно се користи.
Манастирот „Дејрулзафаран“, кој се наоѓа на позиција со поглед на Мардинската Низина, сегашната состојба ја добива во 18 век со доградби направени во различни времиња, почнувајќи од 5 век. Манастирот бил изграден врз комплекс кој бил користен како Храм на Сонцето пр. н. е., а подоцна и како тврдина од страна на Римјаните. Кога Римјаните се повлекле од регионот, свети Шлејмун овде ги донел коските на некои светци и ја претворил тврдината во манастир. Манастирот и денес служи како еден од важните верски центри на Асирската црква.
Медресата „Касимије“ во центарот на Мардин е изградена во 15 век. Медресата, која е архитектонски значаен објект, се издвојува како еден од симболите на градот.
Џамијата „Латифије“ e една од важните џамии што ја отсликува историската текстура на Мардин од артукидскиот период.
Џамијата „Мардин Улу“, која исто така е симбол на Мардин со својата сегментирана купола и минаре, архитектонски пример од артукидскиот период, според записите била изградена со две минариња. На натписот на квадратната основа на џамијата која денес има само едно минаре, како датум на изградба е наведена 1176 година. Џамијата, чиј модел е имитиран од многу околни објекти, сè уште е отворена за богослужба.
Калдејската црква на калдејската католичка заедница во центарот на Мардин, црквата „Богородица“, црквата „Мор Михаил“ на сириската православна заедница, црквата „Мор Шимуни“, џамијата „Баб Ес Сур“ (Мелик Махмуд), џамијата „Касим Тугманер“, џамијата „Шејх Чабук“, кулата „Еминедин“, медресата „Хатуније“, медресата „Зинџирије“, Кизилтепе Улу џамијата, Кизилтепе Дунајсир / Коч Хисар Улу џамијата, џамијата „Мидјат Џевдет-паша“, џамијата „Мидјат Улу“, џамијата „Мидјат Хаџи Абдурахман“, џамијата и турбето (гробницата) Нусајбин Зејнел Абидин се исто така меѓу важните објекти на градот.
Античкиот град Дара, оддалечен 30 километри од Мардин, се смета за најважната населба на античка Месопотамија. Овој древен град, познат по тоа што во минатото бил домаќин на прекрасни и богати историски приказни, овозможува на едно место да се видат многу симболи на различни култури и религии.
Мардин, кој се извојува како град што бил тема на голем број филмови, ТВ-серии, песни и народни песни, претставува важна дестинација за патниците во секое годишно време благодарение на неговата разновидна култура и кујна.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.