Турција

Претседателски и 27. парламентарни избори во Турција

За изборите во Турција регистрирани се 56.322.632 гласачи, а меѓу нив се еден и пол милиони млади кои за првпат ќе имаат право на глас. Во странство, право на глас имаат дополнителни 3.047.323 турски државјани

Ekipa  | 24.06.2018 - Обновена : 26.06.2018
Претседателски и 27. парламентарни избори во Турција

Ankara

АНКАРА (АА) - Во Турција денеска се одржуваат предвремени претседателски и парламентарни избори на кои гласачите ќе изберат претседател и нов состав на Големото народно собрание на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Вкупно 180.065 избирачки места во цела Турција се отворени во 8 часот, а затворањето е најавено за 17 часот по локално време. Ова се првите избори на кои избирачките места се отвораат и се затвораат во исто време, бидејќи на претходните изборни процеси беше практика во источна Турција избирачките места да се отворат еден час порано.

Гласачките ливчиња до некои избирачки места во oбластите на источниот и југоисточниот дел на земјата беа префрлени со хеликоптер.

Изборите се одржуваат со зголемени безбедносни мерки, а прелиминарните резултати од изборите се очекуваат во изборната ноќ, неколку часа по затворањето на избирачките места. 

За изборите во Турција регистрирани се 56.322.632 гласачи, а меѓу нив се еден и пол милиони млади кои за првпат ќе имаат право на глас. Во странство, право на глас имаат дополнителни 3.047.323 турски државјани.

Претседателот на државата и парламентот се избираат на мандат од пет години. Станува збор за историски избори со кои Турција ќе премине од парламентарен во претседателски систем на управување, што беше одобрено со референдумот одржан во април минатата година.

За влез во 27. состав на парламентот на изборите се натпреваруваат вкупно осум политички партии и 68 независни кандидати.

Уште еден новитет на изборите во Турција е тоа што политичките партии за првпат настапуваат здружени во алијанси.

Владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) на изборите ќе настапува во состав на Народната алијанса, во која е и досегашната опозициска Партија на национално движење (MHP).

Oпозициската Републиканска народна партија (CHP) влезе во Националната алијанса во која се и новоформираната партија IYI, Саадет партија и Демократската партија.

Вкупно шест кандидати на изборите учествуваат во трката за претседател на Република Турција.

Кандидат на владејачката АК партија и Народната алијанса е актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган на функцијата претседател беше избран на изборите во 2014 година и беше првиот директно избран претседател на Турција.

Во случај на победа на овие избори ќе стане првиот претседател на Турција со широки овластувања кои ќе му ги даде претседателскиот систем на управување во кој нема да ја има функцијата премиер.

Кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP) е долгогодишниот пратеник Мухарем Инџе, а не лидерот на партијата Кемал Киличдароглу.

Кандидат на опозициската партија IYI е лидерката на оваа релативно нова политичка опција Мерал Акшенер. Таа за кандидатурата собра 100.000 потписи на граѓаните, за разлика од Ердоган и Инџе, кои се номинирани од партиските клубови на пратеници во парламентот на Турција.

И лидерот на опозициската Саадет партија, Темел Карамолаоглу, ги собра потребните 100.000 потписи на граѓаните за кандидатура.

Опозициската Народна демократска партија (HDP) за претседателските избори го номинираше својот лидер, Селахатин Демирташ, кој заедно со 12 други пратеници од партијата од крајот на 2016 година се наоѓа во притвор под обвиненија за поврзаност со терористичката организација ПКК.

И опозициската Ватан партија ги собра потребните потписи на граѓаните, и за претседатаелските избори го номинираше својот лидерот Догу Перинчек.

За победа на претседателските избори кандидатот мора да освои натполовично мнозинство гласови, а во случај ниту еден од кандидатите да не го оствари, за 15 дена ќе се одржи вториот круг од изборите на кои ќе учествуваат двајцата кандидати кои во првиот круг ќе освојат најмногу гласови.

Турскиот парламент претходно усвои пакет на измени и дополнувања на законите кои се однесуваат на усогласување на нормите и уставните реформи одобрени на минатогодишниот референдум, со кои Турција преминува кон претседателски систем на управување.

Со усвоениот пакет е усогласен и Изборниот законик на Турција, според кој се одржуваат денешните избори.

Согласно уставните измени, се укинува позицијата премиер, а извршните овластувања ги презема претседателот на државата по изборите. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во парламентот, со тоа што парламентот ќе брои 600, наместо досегашните 550 пратеници.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın