наука и технологија

Заедничка соработка на земји од поранешна Југославија: Млади градители на роботи испраќаат сателит во вселената

- Асоцијацијата ја сочинуваат Центри за технологија на БиХ, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Хрватска

D. Omanovic, AA, Stipe Majic  | 28.08.2022 - Обновена : 29.08.2022
Заедничка соработка на земји од поранешна Југославија: Млади градители на роботи испраќаат сателит во вселената Фото: Милош Вујовиќ / АА

МОСТАР / ЗАГРЕБ / ПОДГОРИЦА (АА)

Земји од поранешна Југославија до крајот на оваа година или почетокот на следната ќе го лансираат првиот сателит во вселената. Звучи нестварно, но благодарение на Вселенската асоцијација на југоисточна Европа, сѐ е поизвесно дека тоа наскоро навистина ќе се случи. Асоцијацијата ја сочинуваат Центарот за едукација и роботика, иновација и технологија од Мостар, Комитетот за развој на вселенска програма од Нови Сад,„Montenegro space Research“ од Подгорица, „Adriatic Aerospace Association“ од Загреб и Центарот за иновации и технолошки развој „Navia“ од Скопје. Сите имаат иста цел, а тоа е напредок и проширување на вселенската програма во земјите од регионот.

„Секогаш постоеше стремеж да се обединиме. Заедно сме посилни и подобри. Тоа се случи, обединети се тимови од Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Индиската вселенска агенција по повод 75-годишнината од независноста, ќе лансира 75 сателити во вселената - три ракети со по 25 сателити. SESA великодушно подари еден сателит, и тој сателит ќе праќа порака која подоцна ќе ѝ ја дадеме на јавноста“, изјави за Агенција Анадолија Анес Хаџиомеровиќ, шеф на CERIT од Мостар.

Секоја држава членка на проектот презела задача да постави антени што ќе им бидат достапни на граѓаните, а до кои ќе може да се пристапи преку интернет. Во моментов во тек е поставување на статични станици наменети за комуникација со сателитите.

„План е покрај лансирањето, да се постават антени на земјата, бидејќи подрачјето на Балканот е погодно за прелетување на сателити. Овој регион не е покриен со антени. Овие антени ќе се постават во 5 земји, а ќе бидат достапни за секој кој има потреба од нив“, истакна Хаџиомеровиќ.

На крај, целта е проширување на знаењето за вселенските технологии, планирајќи наскоро започнување и на ракетна програма.

„Во план е спроведување на вселенска програма за осмоодделенци, средношколци и студенти. Ќе ги едуцираме како да изработуваат мали сателити. Тие сателити имаат иста задача како и вистинските сателити, но во помала мерка. Тие ќе пресметуваат одредени телеметриски податоци, за осмоодделенците сателитите ќе се лансираат со помош на вода, односно со боци исполнети со вода. Потоа ќе се отвори падобран и при слетување ќе собира податоци и ќе ги испраќа до компјутер. За студентите планираме работа со ракетно гориво. Безбедноста ни е на прво место и затоа на ова поле не сакаме да работиме со осмоодделенци. Сакаме да ја прошириме вселенската програма и да тргнеме од почеток и да се развиваме во нешто многу поголемо. Подобро е да се биде девелопер отколку само јузер“, истакна Хаџиомеровиќ.

Младите изработувачи на роботи од Мостар имаат огромна поддршка од Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

„Исклучително сме ѝ благодарни на ТИКА која ја препозна нашата работа и ни помогна, па сега нашите простории се технички многу понапредни отколку пред една година. Имаме три компјутери, смарт табла, 3Д-принтер, 60 КИТ сетови за роботика... Тоа е голема работа за нас. Особено 3Д-принтерот. Минатата година бевме принудени да одиме во училишта и да ги молиме да ни ги позајмат нивните 3Д-принтери. Оваа година стартуваме со едукација за осмоодделенци, средношколци и студенти, а оваа опрема во голема мерка ќе ни користи за натамошниот развој“, рече Хаџиомеровиќ.

Среќата и задоволството не го криеше и младиот изработувач на роботи Армин Џиделија. Тој инаку е студент на Факултетот за информатички технологии.

„Заедно со професорот Анес влегов во овој проект. Станува збор за голем проект кој има потенцијал, од кој голем број луѓе ќе добијат одредени знаења и искуства. Мислам дека тоа отвора и големи можности, како за младите, така и за постарите, за некои научници и слични подрачја. Што се однесува до моето искуство, мислам дека тоа ќе ми помогне и мене и ќе ми овозможи одредени можности. Ова е потполно ново во Европа. Големиот вселенски сојуз ќе ги поврзе овие држави. Имаме добри, квалитетни луѓе и мислам дека тоа ќе биде добро во иднина.“


– Сателитот во орбитата останува три години

Теорискиот физичар во пензија Слободан Данко Босанац е основач и претседател на Здружението „Јадранска вселенска асоцијација“, кое брои повеќе од 60 членови, чија цел е промоција на програмата за вселената, образованието, меѓународна соработка и започнување проекти поврзани со вселенската технологија, сателити и ракетни погони во Хрватска.

„Индија по повод 75-годишнината, финансираше проект во рамките на кој универзитетските студенти во Индија изработија 75 сателити“, наведе Босанац, додавајќи дека во проектот заедно се вклучени земјите од балканскиот регион.

Со основањето на Асоцијацијата на Југоисточна Европа за вселената (SESA), со седиште во Белград, овозможено е еден од 75-те сателити заеднички да им биде доделен на Србија, Хрватска, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

„Ние само мораме да одлучиме која порака ќе биде упатена од тој сателит, а мораме и да се организираме за прифаќање на сигналите што сателитот ќе ги праќа кон нашите Земјини станици. Во Хрватска во изработка е една таква станица, Србија направи подготовки за изработка на станица за прием на сигнали, додека БиХ сѐ уште е во фаза на планирање“, наведува Босанац.

Физичарот Босанац очекува дека овие мали сателити, што ќе се лансираат со индиска ракета со многу поголем товар, ќе бидат во Земјината орбита веќе од крајот на годината, а се очекува дека на таа висина ќе останат околу три години, пред да паднат на Земјата.

Сателитот ќе праќа телеметриски податоци за својата положба, температурата на своите делови и гласовни пораки.


– Проект што ветува

Никола Перовиќ од организацијата „Montenegro space Research“, во разговор за АА рече дека заедничкиот проект на земјите од поранешна Југославија е во вселената да го лансираат првиот сателит.

„Потсетувам дека на 27 јуни е основана Вселенската организација, која е формирана од членки од поранешна Југославија (SESA). Индија овие денови слави 75 години од својата независност и во чест на тој јубилеј испраќа 75 сателити во вселената. Станува збор за мини сателити, кои се испраќаат во вселената со помош на три ракети. Бидејќи Србија веќе соработува со Индија, на неа ѝ е подарен еден сателит. Меѓутоа Србија започна иницијатива тој сателит всушност да биде SESA-сателит, да биде заеднички проект. Индија се согласи и очекуваме дека до крајот на годината ќе биде испратен првиот сателит. Кога го добивме сателитот, прво дискутиравме која ќе биде неговата основна улога. Имаше различни предлози, но правата улога засега останува тајна“, рече Перовиќ.

Тој истакна дека овој проект е нешто што дефинитивно ветува.

„Наша цел е да се обединиме, да ја делиме технологијата, да соработуваме, бидејќи, доколку се здружиме, можеме да постигнеме големи дела. Во моментов, во фокусот ми е едукација на осмоодделенците, средношколците и работа со студентите. Имаме големи планови, сакаме да бидеме конкуренти со големите светски вселенски агенции“, истакна Перовиќ.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.