Научни истражувања: Астероид што удрил во Земјата пред 3,26 милијарди години можно е да го иницирал животот на планетата
Студијата посочува дека ефектот од ударот го проширил фосфорот во околината, а цунамито на површината ги истуркало длабоките води богати со железо, што можеби ја иницирало појавата на животот на Земјата
АНКАРА (АА) - Научниците од Универзитетот „Харвард“ спроведоа истражување кое откри дека астероид што удрил во Земјата пред 3,26 милијарди години можеби иницирал ран живот на нашата планета, јавува Анадолу.
Научниците ги анализираа остатоците од метеори во Јужна Африка за да ги испитаат ефектите на џиновските метеори врз раниот живот на Земјата.
Во студијата се наведува дека метеорот S2, 50 до 200 пати поголем од метеорот што го предизвикал изумирањето на диносаурусите, ја погодил Земјата пред околу 3,26 милијарди години.
Во истражувањето се истакнува дека постојат докази дека ударот на тој метеор предизвикал големо уништување на Земјата, но и дека помогнал за развој на раниот живот, а ударот предизвикал и цунами и делумно испарување на океаните.
Студијата посочува дека ефектот од ударот го проширил фосфорот во околината, а цунамито на површината ги истуркало длабоките води богати со железо, што можеби ја иницирало појавата на животот на Земјата.
Професорката од Универзитетот „Харвард“ и раководителка на истражувачкиот проект, Надја Драбон, рече дека преовладува мислењето дека ударите на метеори носат катастрофа за животот, но дека нивната студија покажува дека овие удари можат да овозможат и развој на животот на Земјата.
Драбон рече дека наодите придонесуваат кон идејата дека метеорите кои ја погодиле Земјата иницирале развој на раниот живот.
„Изгледа дека животот по ударот нашол поволни услови што му овозможиле да процвета“, истакна Драбон.
Резултатите од истражувањето се објавени во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“ (PNAS).
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.