наука и технологија

Револуционерно откритие на млад турски физичар на Харвард за потеклото на животот на Земјата

Научниците веруваат дека откритието е клучен чекор кон разбирањето на фундаменталните процеси што го иницирале формирањето на животот

Selma Kasap  | 23.06.2023 - Обновена : 26.06.2023
Револуционерно откритие на млад турски физичар на Харвард за потеклото на животот на Земјата

АНКАРА (АА) - На прагот да го заврши својот докторат по физика на Универзитетот „Харвард“, младиот Турчин Фуркан Озтурк (26) дојде до револуционерно откритие за потеклото на животот на Земјата, предизвикувајќи значителна возбуда меѓу научниците, јавува Анадолу.

Откритието, кое обезбедува увид во потеклото на животот на Земјата и можноста на вонземскиот живот, се врти околу концептот на хомохиралност, што ја објаснува предноста за специфични огледални облици на молекули во живите организми.

Истражувањето на Озтурк и неговиот тим е објавено во научното списание „Science Advances“. Тие постигнаа напредок во разбирањето на потеклото на биолошката функција и предлагаат дека е можно магнетните минерали на раната Земја да одиграле улога во изборот на една огледална форма на биомолекулите над друга.

Во 1848 година, францускиот хемичар Луј Пастер го претстави концептот на хомохиралност, кој објаснува дека одредени молекули неопходни за живот постојат во огледални облици, исто како случајот со левата и десната рака. Сепак, и покрај 175 години истражување, потеклото на ова својство остана една од најголемите мистерии на биологијата.

Иако е потребно повеќе работа за целосно разоткривање на мистеријата, научниците веруваат дека ова откритие е клучен чекор кон разбирањето на фундаменталните процеси што го иницирале формирањето на животот.

- „Вистинско револуционерно откритие“ -

„Ова е вистинско револуционерно откритие. Хомохиралноста е од суштинско значење за почеток на биологијата, а тоа е можно, би рекол многу веројатно решение“, истакна нобеловецот и биохемичар Џек Шостак.

Озтурк, кој дипломира физика на Универзитетот „Билкент“ во турската престолнина Анкара, вршел истражување за потеклото на животот на Земјата околу две и пол години на Харвард.

- „Почнуваме да ги гледаме првите траги од живот на Земјата“ -

„Пред приближно 4 милијарди години, скоро 500 милиони години по формирањето на Сончевиот Систем и нашата Земја, почнуваме да ги гледаме првите траги од живот на Земјата“, изјави 26-годишниот физичар за Анадолу.

Неговите експериментални студии имаат за цел да фрлат светлина на оваа мистерија, која, според журналот во којшто е објавен трудот, се наведува како еден од 125-те најголеми проблеми во природните науки.

Во однос на влијанието на неговото откритие, Озтурк рече: „Нашето откритие фрла светлина врз потеклото на животот, големата мистерија во природата. Тоа е како решавање загатка, каде што имаме ограничени докази од пред 4 милијарди години. Нашата студија придонесува во значаен дел да се разбере потеклото на животот.“

„Иако не сме сигурни како сето тоа се вклопува заедно, ова откритие ќе помогне да се одговори на прашањата и ќе понуди слика за почетоците на животот. Исто така, може да понуди увид во животот на другите планети. Сфаќањето на формирањето на животот на Земјата може да ни помогне и да откриеме друга форма на живот надвор од Земјата. Тешко е да се каже со сигурност, но тоа е можно“., додаде тој.

Прашан за потенцијалниот прозорец на можности на ова откритие за научниот свет, Озтурк рече: „Искрено, верувам дека ова откритие може да нѐ доведе до точка во која можеме да создадеме живот во лабораториски услови. Мојата цел е да ги рекреирам условите за потеклото на животот во лабораторија и да видам како животот се појавува со мои очи.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.