наука и технологија

Студија: Климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари во градовите низ светот

Истражувачите во оваа студија анализирале податоци за пожарите и месечните максимални температури од над 2.800 градови во 20 земји, опфаќајќи повеќе од 20 отсто од светската популација

Asiye Latife Yılmaz  | 04.03.2025 - Обновена : 05.03.2025
Студија: Климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари во градовите низ светот

ИСТАНБУЛ (АА) – Климатските промени би можеле значително да го зголемат ризикот од пожари во градовите низ светот во наредните децении, според нова студија објавена вчера од онлајн списанието „Нејчр ситис“, јавува Анадолу.

Истражувачите во оваа студија анализирале податоци за пожарите и месечните максимални температури од над 2.800 градови во 20 земји, опфаќајќи повеќе од 20 отсто од светската популација.

Доколку глобалното затоплување ја надмине границата од 4 Целзиусови степени, се проценува дека до 2100 година би можеле да се регистрираат околу 300.000 смртни случаи и над еден милион повредени како последица на пожарите.

Но, доколку затоплувањето се ограничи под 1,5 Целзиусов степени, овие последици би можеле да се намалат за половина.

Во сценарио со високи емисии, студијата предвидува зголемување од 22,2 отсто на пожарите на отворено и 11,6 отсто на пожарите во возила до 2100 година, додека пожарите во згради би можеле да се намалат за 4,6 отсто.

За секое зголемување на температурата на воздухот за 1 Целзиусов степен, бројот на пожари во возилата би се зголемил за 3,3 отсто, а пожарите на отворено за 6,9 отсто, се наведува во студијата.

Истражувањето исто така анализира како климатските промени влијаат врз зачестеноста на пожарите во урбаните средини, вклучувајќи ги пожарите во згради, возила и на отворени простори како депонии.

Најсилна поврзаност помеѓу пожарите и климатските промени е забележана на Нов Зеланд, каде што бројот на градски пожари би можел да се зголеми за 40 отсто до 2100 година доколку не се преземат мерки за намалување на затоплувањето.

Научниците веруваат дека нивните откритија може да помогнат во развојот на нови стратегии за спречување на пожари, како подобро управување со запаливите материјали.

Тие, исто така, истакнуваат дека анализата нема доволно податоци од Африка и Јужна Америка и можеби не го зема целосно предвид зголемениот број електрични возила, што би можело да влијае врз зачестеноста на пожарите во возилата.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.