Туркије во март наредната година ќе го претстави националниот борбен авион Хурџет
Турската управа за воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАШ) официјално ќе го претстави автохтониот млазен авион Хурџет на 18 март 2023 година, на 100-годишнината од Република Туркије

САМСУН (АА) – ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ -
Туркије ги врши последните подготовки за првиот лет на напредниот тренажен и лесен јуришен авион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турската управа за воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАШ) официјално ќе го претстави автохтониот млазен авион Хурџет на 18 март 2023 година, на 100-годишнината од Република Туркије.
Авионот поседува широк спектар способности и голема носивост на бојното поле.
Во организација на Министерството за индустрија и технологија на Туркије и Фондацијата Турски технолошки тим Т3, на аеродромот „Самсун Чаршамба“ во турскиот град Самсун се одржува престижниот светски фестивал на воздухопловството „ТЕКНОФЕСТ КАРАДЕНИЗ“.
Во рамките на овој технолошки настан изложени се бројни летала и беспилотни борбени авиони, а за учесниците се организираат и различни активности.
Генералниот директор на ТУСАШ, Темел Котил, за АА изјави дека „ТЕКНОФЕСТ“ е особено фокусиран на младите луѓе со цел кај нив да се поттикне креативноста и иновативноста.
Додаде дека компанијата што ја предводи секоја година со нови изуми учествува на турскиот фестивал на воздухопловството „ТЕКНОФЕСТ“, напоменувајќи дека оваа година за децата организираат обука за роботи.
„Исто така, сакаме да им покажеме на децата и младите дека не е толку тешко да се направи авион. Овој настан ја исполни својата цел, бидејќи интересот за фестивалот во Самсун е многу голем“, рече тој.
Котил истакна дека веќе се подготвуваат за одбележувањето на 100-годишнината на Република Туркије следната година, кога ќе го претстават и новото летало.
„Го подготвуваме Хурџет, националниот борбен авион, и Атак-2, кои ќе ги претставиме на 18 март 2023 година“, рече Котил.
Како што нагласи, развојот на националниот борбен авион е многу важен проект за Туркије.
„Најголемото богатство на Туркије се нејзините млади луѓе. Тие ќе продолжат да работат на она што ние сега го правиме. Веќе сега кај нив ја гледаме таа возбуда, можете да го видите тоа во очите на децата“, истакна Котил.
Нагласи дека со голема одлучност продолжуваат да работат на големи проекти.
„Завршното монтирање на Хурџет е при крај. Сега се работи на неговиот внатрешен дел и наскоро ќе биде поставен на стоен трап. Фокусирани сме на теренските тестирања и на неговиот лет на 18 март 2023 година“, рече тој.
Котил истакна дека бројни високи државници од странски земји ја посетуваат нивната компанија и покажуваат интерес за леталата што ги произведуваат.
„Ние ги запознаваме со работата на компанијата и им објаснуваме што работиме, зборуваме за нашето искуство, успесите и производите. Ова е многу важно за Туркије. Туркије ќе биде сосема поинаква кога нашите млади луѓе целосно ќе се ангажираат. Овој процес веќе започна и не може да биде запрен“, рече Котил.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.