свет, политика

Кремљ: Изјавата на украинскиот шеф на дипломатија за мировните преговори со Русија е во согласност со ставот на Москва

- Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека коментарите на шеф на дипломатија, Дмитро Кулеба, во врска со подготвеноста на Украина за преговори со Русија се во согласност со ставот на Москва, иако се потребни дополнителни појаснувања

Elena Teslova  | 24.07.2024 - Обновена : 26.07.2024
Кремљ: Изјавата на украинскиот шеф на дипломатија за мировните преговори со Русија е во согласност со ставот на Москва

МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека коментарите на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во врска со подготвеноста на Украина за преговори со Русија се во согласност со ставот на Москва, иако се потребни дополнителни појаснувања, јавува Анадолу.

Говорејќи на брифингот за новинарите во Москва, Песков ја истакна важноста од разбирање на деталите од таквите изјави.

„Ги видовме извештаите од Пекинг кои укажуваат дека таква изјава била дадена за време на состанокот со (кинескиот министер за надворешни работи) г. Ванг Ји. Оваа порака е во согласност со нашиот став. Знаете дека руската страна никогаш не одбила да преговара и отсекогаш била отворена за преговарачки процес. Сепак, деталите се клучни, а ние сè уште не ги знаеме. Затоа ќе чекаме дополнителни појаснувања“, рече Песков.

Претходно украинското Министерство за надворешни работи истакна дека Кулеба ја објавил подготвеноста на Киев за дијалог и преговори со Русија за време на неговата посета на Кина.

Во посебна изјава портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изрази скептицизам во врска со мировните предлози на Украина, наведувајќи ги искуствата од минатото.

Таа рече дека Киев првично го одобрил нацрт-мировниот договор со Русија во март 2022 година за време на преговорите во Истанбул, а потоа ги прекинал контактите и усвоил закон со кој се забрануваат преговори со Москва.

Захарова истакна дека ниту претседателот на Украина, Владимир Зеленски, ниту неговата администрација, другите ресори на власта или западните сили не презеле чекори за да се отповика законот со кој се забранува Украина да преговара со Русија.

„Слушаме многу зборови, но во принцип не гледаме никакви активности“, рече таа, сугерирајќи дека украинските власти можеби ја менуваат својата реторика за мировни преговори поради претстојните претседателски избори во Соединетите Американски Држави (САД).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.