политика

Северна Македонија: Димитров и Османи си ги разменија функциите

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, од денеска официјално ја презеде функцијата во новата Влада...

Husamedin Gina  | 01.09.2020 - Обновена : 02.09.2020
Северна Македонија: Димитров и Османи си ги разменија функциите Фото: Husamedin Gina/AA

СКОПЈЕ (АА) – Заменик претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, истакнаа дека со формирањето на новата Влада ќе се рестартираат сите важни процеси кои произлегуваат од договорите со Атина и Софија, јавува Агенција Анадолија (АА).

По примопредавањето на функциите, Османи и Димитров, пред зградата на Секретаријатот за Европски (СЕП) прашања одржаа заедничка прес-конференција.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, од денеска официјално ја презеде функцијата во новата Влада. Димитров досега беше министер за надворешни работи, а од денеска шеф на дипломатијата е Бујар Османи, кој, пак, во претходната Влада беше вицепремиер за европски прашања.

Истакнувајќи дека првпат во демократската историја на Северна Македонија има еден вид рокада меѓу двата ресора што се природно блиски, Димитров рече дека заедничкиот успех со Бујар Османи е тоа што Северна Македонија во месец март доби зелено светло за почетокот на пристапниот процес со Европската Унија (ЕУ).

Одговарајќи на новинарското прашање дали Бугарија ќе ги блокира преговорите со ЕУ со ултиматуми за македонскиот јазик и историја, Димитров рече дека не може Бугарија да добие од комплицирањето на европската иднина на Северна Македонија.

„Македонскиот јазик е наша работа и за нас тоа прашање е затворено, посебно по финализирањето на личната карта на државата во Обединетите нации. Во овие рамки ќе бараме мудрост и упорност во надминување на сите прашања со соседна Бугарија. Не може Бугарија да добие од комплицирањето на европската иднина на Северна Македонија“, нагласи Никола Димитров.

Наведе дека проблемот преставува голем предизвик, Димитров рече дека со него ќе се соочат искрено, директно знаејќи што е потребно за да се заштити националниот интерес.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека со формирањето на новата Влада очекува рестарт на сите важни процеси и дека меѓу приоритетите ќе бидат Атина и Софија, во поглед на продлабочување на добрососедските односи.

„Во однос на преговарачката рамка и односите со Бугарија јас сметам дека стабилна, перспективна европска Македонија е предуслов за стабилен и перспективен европски регион а тоа е во интерес на сите земји во регионот вклучувајќи ја и Бугарија“, рече Османи, додавајќи дека не гледа интерес на ниту една земја во регионот, па и на Бугарија, да го спречи европскиот пат на Република Северна Македонија.

Новиот министер за надворешни работи на прес-конференцијата, исто така, најави дека ќе се забрза процесот за пополнување на испразнетите амбасадорски места, особено во Брисел и државите членки на ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.