свет

Администрацијата на Трамп го укина статусот за легален престој на 532.000 лица од Латинска Америка

Укинувањето на нивниот привремен легален престој е директен резултат на предизборното ветување на претседателот Доналд Трамп дека ќе депортира милиони илегални мигранти

Darren Lyn  | 22.03.2025 - Обновена : 23.03.2025
Администрацијата на Трамп го укина статусот за легален престој на 532.000 лица од Латинска Америка

ХЈУСТОН (АА) - Правниот статус на 532.000 Кубанци, Хаиќани, Никарагванци и Венецуелци кои живеат во Соединетите Американски Држави (САД) под т.н. спонзорски процес на поранешниот претседател Џо Бајден е укинат од страна на Министерството за домашна безбедност (ДХС), според наводите, јавува Анадолу.

Повеќе од половина милион луѓе од тие земји беа добредојдени во САД по октомври 2022 година преку двегодишната програма на Бајден CHNV, која им овозможи да добијат легални дозволи за живот и работа, сѐ додека имаат финансиски спонзори.

Но, новиот указ потпишан од челничката на Министерството, Кристи Ноем, ѝ става крај на таа програма и сите привремени жители ќе го изгубат правниот статус на 24 април и ќе добијат рок да се вратат во нивните матични земји.

Укинувањето на нивниот привремен легален престој е директен резултат на предизборното ветување на претседателот Доналд Трамп дека ќе депортира милиони илегални мигранти во Америка и ќе стави крај на легалните патишта за нив да доаѓаат и остануваат во САД.

Трамп претходно рече дека сака да стави крај на „широката злоупотреба“ на хуманитарното условно ослободување, кое се користи со децении за да им се дозволи на луѓето од други земји каде има војни или политичка нестабилност легално да влезат во САД и привремено да живеат.

Сите лица од програмата CHNV сега мора да ги напуштат САД на крајот на април, бидејќи повеќе нема да имаат правен статус за престој. Доколку одлучат да останат нелегално, ќе бидат депортирани доколку бидат фатени од службениците за имиграција.

Активистите за имиграција и адвокати поднесоа федерална тужба со која се обидуваат да ја вратат програмата.

Карен Тамлин, основач и директор на Justice Action Center, кој ја поднесе тужбата, рече дека укинувањето на програмата е „непромислено, сурово и контрапродуктивно“ и „ќе предизвика непотребен хаос и кршење на срцата на семејствата и заедниците низ целата земја“.

Остриот став на Трамп за имиграцијата наскоро би можел да влијае на 240.000 Украинци кои живеат во САД, кои избегале од својата земја по руската „специјална воена операција“ во Украина во 2022 година. На 6 март, Трамп рече дека ќе одлучува за судбината на Украинците, кој така би можел да го укине нивниот привремен правен статус во САД во април.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.