свет

Американскиот претставник Хохштајн на разговори во Бејрут за прекин на огнот со Израел

Информиран извор за Анадолу изјави дека Хохштајн ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Набих Бери, како и со премиерот Наџиб Микати

Ahmed Asmar  | 19.11.2024 - Обновена : 19.11.2024
Американскиот претставник Хохштајн на разговори во Бејрут за прекин на огнот со Израел

БЕЈРУТ (АА) - Американскиот специјален пратеник Амос Хохштајн рано утринава пристигна во либанската престолнина Бејрут за да ги продолжи разговорите за прекин на огнот со највисоките либански претставници, пренесува Анадолу.

Државната либанска Национална новинска агенција (ННА) потврди дека Хохштајн пристигнал на Меѓународниот аеродром „Рафик Харири“ во Бејрут.

Информиран извор за Анадолу изјави дека Хохштајн ќе се сретне со претседателот на Парламентот, Набих Бери, како и со премиерот Наџиб Микати за да разговараат за можноста за примирје меѓу Израел и либанската група Хезболах.

САД, главниот сојузник на Израел, посредува меѓу Тел Авив и Бејрут за да се постигне договор за прекин на огнот и да се стави крај на едногодишните напади меѓу Хезболах и Израел.

Се очекува Хохштајн утре (среда) да отпатува за Израел.

Минатата недела претседателот на либанскиот Парламент, Набих Бери, потврди дека Бејрут добил предлог од САД за прекин на огнот со Израел.

Бери, сепак, негираше дека предлогот „вклучува каков било вид слобода на движење на израелската армија во Либан“, услов што тој го опиша како „неприфатлив“ и не може да се преговара за тоа. Тој го повтори одбивањето на Либан да направи компромис за својот суверенитет.

Израел е вклучен во прекугранична војна со Либан, а кон крајот на септември започна воздушна кампања против, како што тврди, цели на групата Хезболах.

Според либанските здравствени власти, во израелските напади во Либан убиени се повеќе од 3.500 луѓе, речиси 15.000 се повредени, а над еден милион се раселени од октомври минатата година.

Тел Авив го прошири конфликтот со започнување копнен упад врз Јужен Либан на 1 октомври оваа година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.