Бин Салман: „Заливот и Кина планираат заедничка соработка за справување со светските предизвици и енергетиката“
- Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, денеска изјави дека земјите од Заливот планираат да соработуваат со Кина за справување со светските предизвици, вклучително и за енергетиката
РИЈАД (АА) - Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, денеска изјави дека земјите од Заливот планираат да соработуваат со Кина за справување со светските предизвици, вклучително и за енергетиката, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бин Салман ја даде оваа изјава во својот воведен говор на првиот Самит за соработка и развој на ГЦЦ (Совет за заливска соработка) - Кина, на кој учествува и кинескиот претседател Си Ѓинпинг во главниот град на Саудиска Арабија.
Формиран во 1981 година, ГЦЦ има шест членки - Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Катар и Оман - кои во голема мера се потпираат на приходите од нафта или гас.
Бин Салман нагласи дека регионот и светот се соочени со предизвици и исклучителни околности кои бараат колективна акција.
Тој рече дека земјите од Заливот ќе продолжат да бидат сигурен извор за снабдување со енергија за Кина и остатокот од светот.
Претседателот Си, кој е во официјална посета на Кралството, се очекува да присуствува на уште еден проширен самит во Ријад, Арапско-кинескиот самит за соработка и развој, со учество на арапски лидери.
Посетата на кинескиот претседател се случи три месеци откако американскиот претседател Џо Бајден беше во посета на Ријад во услови на енергетската криза предизвикана од руската војна против Украина.
Последната посета на Си на Саудиска Арабија беше во 2016 година.