свет

Висок американски претставник: Договорени се 90 отсто од договорот за прекин на огнот во Газа и заложниците

„Деведесет отсто од овој договор се договорени, а тој се заснова врз условите што дури и Хамас ги имаше во својот предлог“

Rabia İclal Turan  | 05.09.2024 - Обновена : 05.09.2024
Висок американски претставник: Договорени се 90 отсто од договорот за прекин на огнот во Газа и заложниците

ВАШИНГТОН (АА) - Висок претставник на американската администрација денес изјави дека 90 отсто од условите за прекин на огнот во Газа и договорот за заложниците се договорени, иако клучните прашања поврзани со размената на затвореници и Филаделфискиот коридор остануваат нерешени, јавува Анадолу.

„Деведесет отсто од овој договор се договорени, а тој се заснова врз условите што дури и Хамас ги имаше во својот предлог“, изјави за новинарите претставникот на американската администрација, кој сакаше да остане анонимен.

Официјалниот претставник рече дека договорот, за кој се преговара со месеци, се состои од 18 параграфи, од кои 14 се „завршени“.

Официјалниот претставник нагласи дека првата фаза од трифазниот договор никогаш не вклучувала „целосно повлекување на израелските сили“.

„Тоа значи повлекување на израелските сили од густо населените области. Имате мапи што се направени“, рече службеникот.

„Ништо во договорот не го споменува Филаделфискиот коридор. Она што стои во договорот е дека тие се повлекуваат од сите густо населени области и се појави спор дали Филаделфискиот коридор, кој всушност е пат што се наоѓа на границата на Газа и Египет, е густо населена област.“

Како одговор на ова несогласување, Израел неодамна предложи значително намалување на своето воено присуство во коридорот, за што официјалниот претставник рече дека е „технички конзистентен со договорот“.

Претставникот идентификуваше три основни компоненти во договорот: хуманитарна помош и придобивки за луѓето од Газа, размена на заложници и затвореници и договори за прекин на огнот.

Официјалниот претставник ја опиша компонентата за размена на затвореници како „прилично комплицирана“.

„Навистина најголем дел од времето минатата недела во Доха го поминавме на ова прашање. Би имале ослободување на стотици палестински затвореници во замена за заложниците, околу 800, вклучително и некои многу значајни затвореници и некои со доживотни затворски казни.“

„Нема да навлегувам во сите детали за тоа, но во основа она што Хамас го бара овде, Израелците се согласија да го исполнат најдобро што можат. И со Хамас, искрено, по ова прашање, имавме прилично фрустрирачки процес. Сѐ додека не се реши тоа, нема да се дојде до договор“, додаде официјалниот претставник.

Според официјалниот претставник, предлогот што го предложија САД, Египет и Катар на 16 август имаше цел да ги премости разликите околу размената на затвореници.

Во меѓувреме влера, на брифингот за новинарите од странските медиуми во Ерусалим (Кудс), израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повтори своето противење за повлекување од Филаделфискиот коридор, стратегиска гранична област меѓу Газа и Египет, наведувајќи ја загриженоста дека Хамас може да ја искористи областа за ивлекување на заложниците надвор од Газа.

Критичарите тврдат дека ставот на Нетанјаху за коридорот ги комплицирал потенцијалните договори за размена на заробеници со Хамас.

Хамас продолжува да бара целосно израелско повлекување од енклавата и враќање на раселените Палестинци.

Израел моментно држи најмалку 9.500 палестински затвореници, се проценува дека 101 израелски заложник се држат во Газа, а се верува дека некои од нив се убиени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.