Владејачката партија во Италија сака да ја забрани употребата на англискиот јазик во официјалната комуникација
- Нацрт-законот предвидува казна до 100.000 евра за прекршоците, велат локалните медиуми
АТИНА (АА) - Десничарската Влада на Италија сака да ја забрани употребата на англискиот јазик во официјалната комуникација, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Нацрт-законот предложен од Фабио Рампели, член на Долниот дом на Парламентот од владејачката партија „Браќа на Италија“, предлага парична казна до 100.000 евра за прекршоци, според дневниот весник „Ил соле 24“.
Рампели тврди дека во италијанскиот јазик се инфилтрираат сè поголем број англиски зборови.
Предложениот закон, исто така, бара да се казни употребата на кој било друг странски јазик во формалната комуникација.
Нацртот вклучува осум члена и одредби, пишува весникот.
Меѓу нив е и формирање на парламентарна комисија за заштита, промовирање и унапредување на италијанскиот јазик, за кој се вели дека е под закана од „англоманија“.