свет

Во Италија ќе се одржат предвремени избори во услови на владина криза

- Претседателот Серџо Матарела на 21 јули го распушти Парламентот со образложение дека нема мнозинство за формирање нова влада и најави предвремени избори на 25 септември.

Barış Seçkin  | 29.07.2022 - Обновена : 31.07.2022
Во Италија ќе се одржат предвремени избори во услови на владина криза

РИМ (АА) - Во Италија ќе се одржат предвремени избори по оставката на премиерот Марио Драги, јавува Агенција Анадолија (АА).

Владата на Драги падна по 18 месеци бидејќи три од десет коалициски партнери ја повлекоа својата поддршка.

Повлекувањето на популистичките и десничарските партнери: Движењето 5 ѕвезди, Лигата и Форца Италија, создаде криза бидејќи повеќе нема мнозинство во Парламентот.

Претседателот Серџо Матарела на 21 јули го распушти Парламентот со образложение дека нема мнозинство за формирање нова влада и најави предвремени избори на 25 септември.

Ова ќе бидат деветти предвремени избори во земјата каде што владите во просек траат нешто повеќе од една година.

Последните предвремени избори во Италија беа одржани во 2008 година кога левичарската коалициска Влада предводена од Романо Проди пропадна истата година.


- Екстремната десница води во последните анкети 

Според последните истражувања на јавното мислење, Браќата на Италија (FdI), предводени од екстремната десничарка Џорџија Мелони, се на прво место со околу 23-25 отсто од гласовите.

Демократската партија, формирана по спојувањето на централнолевичарските партии, се чини дека е на второ место со 22-23 отсто од гласовите.

На третото место е Партијата Лига, предводена од десничарот Матео Салвини, кој е обвинет дека се наоѓа под руско влијание во италијанската политика, со 12-14 отсто од гласовите.

Доколку се гледа според анкетите, ниту една партија нема да може да освои просто мнозинство во Парламентот.

Во овој случај, Браќата на Италија (FdI) би можела да формира десничарска коалициска влада со другите две главни членки на централнодесничарскиот сојуз, Лигата и Форца Италија.

Џовани Орсина, директорот на Одделот за политички науки при Универзитетот „Луис-Гвидо Карли“ со седиште во Рим, за АА изјави дека никој не ја очекувал најновата владина криза, но ранливоста на Владата на Драги е познат факт.

„Ова е многу типична италијанска ситуација. Ситуација во која политичките услови се секогаш кревки, но никогаш не се знае кога ќе дојде критичната точка“, рече Орсина.

„Многу од нив се одговорни. Виновникот број еден во оваа криза е лидерот на Движењето 5 ѕвезди, Џузепе Конте. Тоа е вистинскиот виновник за кризата. По почетокот на кризата, за ова придонесоа и други политички партии со заострување на своите ставови. Драги, исто така придонесе, но многу придонесоа и Берлускони и Салвини. Можеби и тие во одреден момент решиле дека е подобро да излезат на гласање“, рече Орсина.

Запрашан во врска со неговите прогнози за изборите, Орсина рече: „Многу е тешко да се предвиди. Од сега, десничарскиот сојуз е фаворит. Можно е десничарскиот сојуз да формира влада, но не можеме да кажеме дека ова е сигурно.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın