Во пукање во училиште во САД животот го загубија 18 деца и тројца возрасни
Нападот на училиштето „Роб“ е евидентиран како најсмртоносниот напад на училишта во историјата на Тексас и е втор по големина во САД по нападот на Основното училиште „Сенди Хук“ во сојузната држава Конектикат во 2012 година
ЊУЈОРК (АА) – Бројот на загинати во оружениот напад во училиште во американската сојузна држава Тексас се зголеми на 21, од кои 18 деца и тројца возрасни, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Роланд Гутиерез, сенаторот на Тексас, во изјава за „Си-ен-ен“ (СNN) рече дека од државната полиција добил информации за најновата ситуација, според кои, досега во оружениот напад животот го загубиле 21 лице, од кои 18 деца од основно училиште, двајца возрасни и напаѓачот.
Грег Абот, гувернерот на Тексас, на прес-конференција што ја одржа веднаш по нападот, соопшти дека загинале 14 деца и еден возрасен.
– Објавен е идентитетот на напаѓачот -
Полицијата соопшти дека во престрелката е неутрализиран Салвадор Рамос (18), кој извршил оружен напад во Основното училиште „Роб“ во градот Увалде.
Медиумите објавија вест дека напаѓачот Рамос, жител на истоимениот град, бил ученик во гимназијата која се наоѓала веднаш до основното училиште во кое е извршен нападот, а полицијата сѐ уште не се огласи за причината на нападот.
Нападот на училиштето „Роб“ е евидентиран како најсмртоносниот напад на училишта во историјата на Тексас и е втор по големина во САД по нападот на Основното училиште „Сенди Хук“ во сојузната држава Конектикат во 2012 година, во кој животот го загубија 28 лица.
Сѐ уште не се објавени информации за идентитетот на 18 убиени ученици од II, III и IV одделение во Основното училиште „Роб“ во кое настава следат 600 деца.
На местото на настанот истрага спроведуваат федерални и национални безбедносни службеници.
– Реакција од синдикатите на наставници -
Националната асоцијација за образование и Асоцијацијата на наставници на државата Тексас излегоа со заедничка изјава во која се вели: „Нашите државни училишта треба да бидат едно од најбезбедните места за учениците и просветните работници. Уште колку масовни напади треба да се изведат за политичарите конечно да ја преземат одговорноста и да го решат проблемот со безбедноста на оружјето?“
Ранди Вајнгартен, претседател на Американската федерација на наставници, по нападот изјави: „Само во оваа држава родителите не се сигурни дека нивните деца ќе бидат безбедни на училиште.“
Според „Си-ен-ен“, од почетокот на годината досега во 38 оружени напади во образовни институции во земјата загинале најмалку 10 лица, а 51 е повредено, не земајќи го предвид последниот напад.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.