Турција, свет

Во Турската болница во либанскиот град Сидон се отвора Оддел за изгореници

„Утре ќе биде отворен Оддел за изгореници во Турската болница за траума и рехабилитација во Сидон“, соопшти либанскиот министер

Ahmed Asmar  | 04.11.2024 - Обновена : 06.11.2024
Во Турската болница во либанскиот град Сидон се отвора Оддел за изгореници

БЕЈРУТ (АА) - Либанскиот министер за здравство, Фирас Абијад, денес изјави дека во Турската болница во јужниот либански град Сидон утре ќе биде отворен Оддел за изгореници, со цел да им се помогне на повредените во услови на тековните напади на Израел врз земјата, јавува Анадолу.

„Утре ќе биде отворен Оддел за изгореници во Турската болница за траума и рехабилитација во Сидон“, изјави Абијад на прес-конференцијата во Бејрут.

„Оваа болница ќе биде референтна болница во Либан за лекување изгореници“, додаде тој.

Либанскиот министер ѝ се заблагодари на Туркије за болничкиот проект преку Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

Абијад рече дека Одделот за изгореници содржи дел за итни случаи и за повредени, две операциони сали, четири одделенија за интензивна нега, четири кревети за лекување изгореници и клиники за лекување изгореници и физикална терапија.

Туркије понуди да ја изгради болницата поради израелската војна против Либан што започна во 2006 година. Објектот е изграден во 2010 година, но подготовките се во тек за ставање во функција.

Либанскиот министер за здравство рече дека осум болници во земјата биле принудени да ја прекинат работата поради израелските напади врз медицинските установи.

Израел ја ескалира својата воздушна кампања во Либан од крајот на септември против, како што тврди, позиции на Хезболах што претставува ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и либанската група од почетокот на бруталната израелска офанзива врз Појасот Газа.

Според либанските здравствени власти, речиси 3.000 луѓе се убиени, а над 13.300 се повредени во израелските напади од октомври 2023 година.

Израел го прошири конфликтот со започнување копнен упад во Јужен Либан на 1 октомври годинава.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.