Германија ги затвори конзулатите на Иран по егзекуцијата на двоен државјанин
„Постојано му стававме до знаење на Техеран дека егзекуцијата на германски државјанин ќе има сериозни последици, па решив да ги затворам генералните конзулати на Иран во Франкфурт на Мајна, Минхен и Хамбург“
БЕРЛИН (АА) - Германија денес објави дека ќе ги затвори конзулатите на Иран во земјата, како одговор на егзекуцијата на германско-иранскиот дисидент Џамшид Шармахд, јавува Анадолу.
Зборувајќи за новинарите во Њујорк, министерката за надворешни работи Аналена Баербок рече дека Шармахд бил погубен и покрај интензивните дипломатски напори на Берлин на највисоко политичко ниво.
„Постојано му стававме до знаење на Техеран дека егзекуцијата на германски државјанин ќе има сериозни последици, па решив да ги затворам генералните конзулати на Иран во Франкфурт на Мајна, Минхен и Хамбург“, рече таа.
Шармахд, 69-годишен германско-ирански државјанин, беше егзекутиран во понеделникот во Иран, по неговото осудување за „заговор за терористички напади“, што тој жестоко го негираше.
Тој беше обвинет дека водел група со седиште во САД, позната како „Тондар“, која се обидува да ја врати монархијата во Иран, што беше соборена со Исламската револуција во 1979 година. Иранските власти тврдеа дека групата планирала бројни терористички акти против Иран под наредба на западните и американските разузнавачки агенции.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.