свет

Грција предупреди на многу висок ризик од пожари, додека пожарот на планината Кушница беснее веќе петти ден

- Локалните медиуми објавија дека пожарот, кој моментално беснее на две големи локации, веќе уништил површина од 1.200 хектари со ниска вегетација

Ahmet Gençtürk  | 26.08.2024 - Обновена : 28.08.2024
Грција предупреди на многу висок ризик од пожари, додека пожарот на планината Кушница беснее веќе петти ден

АТИНА (АА) - Грција денес издаде предупредување за многу висок ризик од пожар и тревога од четврта категорија во неколку региони, бидејќи шумскиот пожар на планината Кушница продолжува да беснее веќе петти ден по ред, известува Анадолу.

Локалните медиуми објавија дека пожарот, кој моментално беснее на две големи локации, веќе уништил површина од 1.200 хектари со ниска вегетација.

Во гаснењето на пожарот во моментов се ангажирани 280 пожарникари, четири авиони, четири хеликоптери и 46 возила од различен тип.

Министерството за цивилна заштита и климатски промени на Грција за неколку региони издаде предупредување за пожар од 4. категорија (многу висок ризик од пожар), вклучувајќи ги Атика, централна Грција, Пелопонез, Источна Македонија и Тракија.

Напоменувајќи дека надлежните служби и органи продолжуваат да бидат во состојба на подготвеност, Министерството ги повика граѓаните да ги следат упатствата на грчката Влада и да бидат крајно внимателни за да се заштитат себеси и шумите од понатамошни пожари.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.